Дирекција за теренска супервизија на Народна банка почна јавно да ги објавува имињата на финансиските организации и одговорните во нив кај кои извршила супервизија на работењето, а на кои не може да им достави записници од контролите и изготвени решенија за казни.
Досега се објавени имињата на една менувачница и едно физичко лице на кои ревизорите на Народната банка не успеале да им достават решенија за казни два пати едноподруго.
„Се повикува горенаведеното лице фирма во рок од 8 (осум) дена од денот на објавувањето на ова соопштение, да се јави во просториите на Народната банка – Дирекција за теренска супервизија за прием на горенаведениот записник“, стои во јавната објава.
Јавната објава на веб-страницата на Народна банка е предвидена со Законот за прекршоци во случај кога доставата на Записникот за констатиран прекршок и прекршочен платен налог на домашна адреса на физичкото лице во два наврати ќе биде неуспешна.