Народната банка на Република Македонија информира дека, како институција надлежна за конципирање и спроведување на монетарната политика, цврсто стои на ставот околу оптималноста на постојниот режим на девизниот курс.
„Стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини, ниту пак каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи коишто би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту пак има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво“ се наведува во соопштението на НБРМ.
Од голема важност е, како што се наведува, тоа што оваа година екстерната позиција на економијата е исклучително поволна и силна, а Народната банка интервенира со висок нето-откуп на девизи, што дополнително ги зајакнува девизните резерви кои на континуирана основа се одржуваат на високо ниво и создава простор да се реагира на евентуални притисоци и да се одржува силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута.
Оттука, од Народната банка, сметаат дека тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем. И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни, и не постојат рационални причини за разнишување на довербата и на тековно позитивните очекувања.