НБРМ ќе ја намали употребата на готовинско плаќање

2018-06-06 14:12

Истиснување на готовината од системот на плаќање како и давање предност на безготовинското плаќање и дигитализацијата како поголема конкурентност во тој сектор, најави денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура која се одржува во Охрид.

– Нашите скорешни напори се фокусираа на изградбата на Стратегија за намалување на употребата на готовина, а со тоа и зголемување на дигитализацијата и безготовинските плаќања, што е заеднички проект на централната банка, Министерството за финансии и банкарската заедница- рече Ангеловска-Бежоска.

Таа во своето излагање се осврна и на дигитализацијата во процесот на плаќање.

– Со растот на новите дигитални технологии за плаќање развиени од страна на „Финтек“, а коишто банките сѐ повеќе ги усвојуваат, потрошувачите и трговците денес имаат широка палета на производи за плаќање од којашто можат да одбираат. Со развојот на иновациите, како што се инстант плаќањата, услугите за иницирање на плаќањата, мобилните плаќања лице-на-лице и бесконтактните плаќања, процесот на дигитализација е придружен со решенија коишто се иновативни во својата суштина -рече гувернерката.

Според неа, платежните иновации и процесот на дигитализација имаат влијание врз трансформацијата на инфраструктурата на пазарот на платежни услуги.

 

– Овие случувања, сепак, покренаа различни прашања поврзани со барањата за отвореност на банките, безбедноста на купувачите, транспарентноста и довербата на пазарот на платежни услуги, како и заштита на правата на потрошувачите. Оттука, регулаторите треба да усвојат соодветна законодавна рамка којашто поддржува дигитализација, иновации и конкуренција, но исто така, треба да се грижат за безбедноста и заштитата. Во овој контекст, може да се забележи дека Европската Унија е глобален лидер во овој домен – рече Ангеловска-Бежоска.

Организатор на конференцијата е Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија. Годинава, Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер е насловена: „Време е за дигитализација“ и ќе опфати теми коишто, меѓу другото, се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот Финтек, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија.

Следниве три дена, до петок, на Конференцијата предавачи ќе бидат високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка.

На овој значаен настан ќе учествуваат и претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка.

Ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот „Финтек“ и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.