Каматните стапки на банкарските кредити во Македонија се се уште релативно високи. Македонските граѓани на банките им плаќаат камати кои се повисоки во однос на оние во земјите од Западна Европа. Сепак, според Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Бежоска, каматните стапки кај нас не се разликувале многу од оние во регионот и оти во целиот пост кризен период каматната стапка на Централната банка се намалила значајно и таа во моментот изнесува 2,25% што е на историски најниско ниво за домашната економија.
„Ако се осврнеме и погледнеме дали банките го следеа овој тренд на намалување на каматните стапки јасно се гледа дека банките го следеа трендот на централната банка. Тие намалуваат и на страната на активните и на страната на пасивните каматни стапки. Секако дека не може да се очекува интензитетот да биде целосно ист. Каматните стапки кај нас се повисоки во однос на европските каматни стапки, но каматните стапки ја рефлектираат и премијата на ризик на економијата. Ако има понатамошно големо намалување на каматните стапки тоа би било дестимулативно за штедење, а нашиот банкарски систем се одликува со тоа што главен извор на финансирање на кредитите е штедењето“, рече Анита Ангеловска Бежовска – Гувернерка на Народна Банка на Македонија.
„Што се однесува до каматните стапки во Македонија мислам дека тие го следат пазарниот тренд. Што се однесува до каматните стапки во ЕУ тие се резултат на политиките на Европската централна банка и сметам дека во моментот тие се доста ниски“, изјави Михаил Ван Дуревен- Централна банка на Холандијa.
Охрид денес и утре е домаќин на дванаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура на која се присутни претставници на централните банки од регионот и Европа. Беше речено дека налетот на финансиски иновации во делот на платежни услуги на пазарот создава големи промени во финансиската индустрија.