Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата деветта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и ревизијата на макроекономските проекции до крајот на 2019 година. Споредбата на остварувањата кај основните макроекономски показатели со динамиката проектирана во циклусот проекции од октомври 2018 година не укажа на значителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Задржани се оцените содржани во октомвриските проекции за растот на бруто домашниот производ (БДП) во 2018 и 2019 година до 3,2% и 3,5%, соодветно, а забележана е одредена промена во структурата на придонесите во растот.

 

Оваа констатација се надоврзува на задржаните здрави економски основи, отсуството на нерамнотежи и релативно поволната надворешна позиција, при забавен годишен раст на домашните цени од 1,5% во првиот квартал на 2018 година, поради што Народната банка ја олабави основната каматна стапка намалувајќи ја од 3,25% на 3,00%. Воедно, на денешната седница на Советот беше утврдено и понатамошно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што е видливо преку поволните движења на девизниот пазар, забрзаниот депозитен раст и растот на кредитната активност. Во првото тримесечје на 2018 година, Народната банка интервенира на девизниот пазар со откуп на девизи, девизната позиција на банките се одржуваше на солидно ниво, а девизните резерви остварија раст и се задржаа во сигурната зона. И во текот на целиот период на проекциите, 2018 и 2019 година, показателите за адекватноста на девизните резерви се одржуваат во сигурната зона.

Неповолните ризици се оценети како пониски во однос на октомврискиот циклус проекции, со иста вградена претпоставка за стабилен домашен политички амбиент, но со поповолни проекции за странската побарувачка за 2018 и 2019 година од 2,5% и 2,1%, соодветно, наспроти претходно проектираните 2,1%, односно 1,8%. Имајќи го предвид значењето на странската побарувачка за отворена економија како македонската, би требало да се наведе дека зголемениот трговски протекционизам и евентуалното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови во Соединетите Американски Држави, несомнено, сѐ уште претставуваат значителни потенцијални ризици. Можноста за забрзување на процесот на евроатлантската интеграција на државата би довела до значително намалување на неповолните ризици.

Во просек, за 2018 и 2019 година, и натаму се очекува дека главен фактор ќе биде извозот, особено од новите производствени капацитети, очекуваниот прилив на нови странски инвестиции, но и од закрепнувањето на дел од традиционалните сектори. Се очекува дека инвестициите ќе дадат значителен поттик за растот во двете години; се предвидува нивен солиден раст по падот од 2017 година, при подобар амбиент за инвестирање на домашните инвеститори. И очекувањето во поглед на движењето на потрошувачките цени во глобала се непроменети, со извесни отстапувања во компонентите.

 

Најголема промена во споредба со октомврискиот циклус е зголемениот позитивен придонес на домашната побарувачка. При силен раст на платите, зголемување на вработеноста, како и стабилните очекувања, се очекува дека личната потрошувачка ќе има зголемено влијание врз растот. Извозот и натаму ќе биде главен фактор со најголем позитивен придонес кон растот. Се очекува умерен дефицит на тековната сметка од 1,5% од БДП во 2018 и 2019 година, што е малку пониско ниво во однос на октомвриската проекција, при тренд на стеснување на салдото на стоки и услуги. Малку повисоки од октомвриските се и очекувањата за приливите во финансиската сметка во текот на 2018 и 2019 година, коишто изнесуваат 5% од БДП, во просек.

Оваа слика се надополнува со умерени промени во очекувањата за депозитниот и кредитниот раст. Се очекува депозитен раст од 6,4% и 6,5% за 2018, односно 2019 година, наместо претходно предвидените 6,1% и 6,3%. За 2018 и 2019 година се очекува кредитен раст од 6,5% и 7,7%, соодветно, при што банкарскиот систем и натаму е стабилен, ликвиден и висококапитализиран.

Општо земено, проекциите упатуваат на потенцијал за солиден раст на домашната економија, поддржан и од кредитната активност на банките, отсуство на инфлациски притисоци, како и задржување на поволната надворешна позиција.    

Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи движењата, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика кон промените во домашниот и надворешниот амбиент.