Инфлацијата ќе расте, економијата ќе забави. Песимистички бројки за македонската економија годинава објави Народната банка.
Трошоците за живот ќе достигнат 9,5 отсто, наспроти владините очекувања да се спушти под 6%. Економијата ќе порасне само 1,9 отсто, иако Владата прогнозираше 2,5% раст. Следната година инфлацијата ќе забави, поради пониските цени на енергесите, храната и металите кои се очекуваат, но Владата мора да внимава на што ги троши парите. Евентуалниот пораст на минималецот, пензиите и платите на административците, од март, можат да ја подгреат инфлацијата.
Народната банка прогнозира пониски бројки на трговскиот дефицит. Од 6,2% лани, оваа ќе ја завршиме со 1,2% дефицит на тековната сметка. Очекуваат пониски дознаки од странство и мало намалување кај извозот и увозот.
– За првите девет месеци од годинава трговскиот дефицит е намален за 30% што секако значи поголема понуда на девизи на девизниот пазар и откуп од страна на Централната банка. Динамиката на раст кај дознаките е забавена на околу 13% во првата половина од годинава. Таа сепак е многу солидна со оглед на високите нивоа кои се постигнати минатиот период. Минатата година дознаките надминаа две милијарди евра, рече Ангеловска Бежоска.
Кредитиниот раст ќе продолжи со незначително побавно темпо, поради затегнатите монетарни услови. Повисок пораст ќе имаат депозитите, односно заштедите заради повисоките камати кои ги нудат банките.
Денарот останува стабилен, девизните резерви се на солидно ниво.
Сепак, како ризици за економијата остануваат воените конфликти Хамас – Израел, војната во Украина, понатамошно затегање на финсисиките услови, послабиот раст на кинеската економија, и зголемениот финансиски стрес кај високо задолжените земји.