Нето надворешниот долг на крајот на првиот квартал годинава изнесува 2.687 милиони евра, или 23,8% од БДП и бележи квартално зголемување од 40 милиони евра (раст од 1,5%). И понатаму доминантно учество во вкупниот нето – долг има приватниот нето – долг со 55,9%, покажуваат податоците што ги објави денеска Народната банка.
Зголемувањето на нето надворешниот долг во првиот квартал произлегува од зголемувањето на јавниот нето-долг (за 47 милиони евра), во услови на умерено квартално намалување на приватниот нето-долг за седум милиони евра. Во однос на релативните показатели, нето надворешниот долг како процент од проектираниот БДП за 2019 година, бележи намалување за 0,9%.
Заклучно со првиот квартал бруто-надворешниот долг изнесува 8.304 милиони евра, или 73,5% од БДП. Во однос на крајот на минатата година, бруто надворешниот долг, без трансакциите за управување со девизните резерви, е повисок за 99 милиони евра.
Бруто надворешните побарувања изнесуваат 5.617 милиони евра, или 49,7% од БДП. На квартална основа, бруто надворешните побарувања, без трансакциите за управување со девизните резерви, се повисоки за 58 милиони евра.
„Негативната меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 6.122 милиони евра (-54,2% од БДП) што претставува зголемување за 176 милиони евра. Кварталната промена на нето МИП во поголем дел произлегува од зголемените нето-обврски врз основа на сопственички инструменти, во најголем дел заради растот на нето-обврските кај директните инвестиции (за 166 милиони евра), при истовремено зголемување и на нето-средствата од портфолио инвестиции (за 23 милиони евра)“, се вели во соопштението.