Јавниот долг во моментов е на ниво од 58,6 отсто од БДП или вкупниот износ на пари што државава им го должи на кредиторите и заемодавците надмина 8,7 милијарди евра. Најнизок јавен долг сме имале во 2008 година, на ниво од 23 отсто од БДП, а Македонија достигна рекордно задолжување во 2023 година и ја проби психолошката граница од 60 отсто од БДП вторпат по 2021 година.
Со децении се бориме со предизвиците на јавниот долг
Веќе со години јавниот долг во Македонија е во континуиран раст, беа потрошени многу милијарди, со малку ефективно продуктивна реализација и огромна буџетска дупка. Она што создава дилеми е дали и во наредниот период тој ќе се зголемува, а загрижува начинот на кој задолжувањата ќе се ефектуираат.
Што значи тезата „зауздување на јавниот долг“?
Економијата во нашата држава се соочуваше со тешкотии што вршеа притисок врз макроекономската стабилност поради неквалитетното трошење на јавните финансии што создаваат високо ниво јавен долг, проследена со раст на инфлацијата. Што да очекуваме со новата влада, дали ќе се заузди јавниот долг? И што воопшто би требало да значи ваквото прашање од граѓаните? Дали насочување на нови задолжувања во продуктивни инвестиции ќе значи зауздување? Или, пак, прекин на задолжувањата значи зауздување?!
Јавниот долг во моментов е на ниво од 58,6 отсто од БДП или вкупниот износ на пари што државава им го должи на кредиторите и заемодавците надмина 8,7 милијарди евра. Најнизок јавен долг сме имале во 2008 година, на ниво од 23 отсто од БДП, а Македонија достигна рекордно задолжување во 2023 година и ја проби психолошката граница од 60 отсто од БДП вторпат по 2021 година.
Според експертите, јавниот долг се трупа во изминатите три децении, но, за разлика од други држави, кои се и позадолжени во Македонија, многу влијае врз животниот стандард. Задачата на новата влада ќе биде да пресмета колку камати ќе треба да се плаќаат за претходните долгови.
Универзитетскиот професор Абил Бауш истакна во јавноста дека буџетот на државата не е во најдобра кондиција затоа што економијата не е во добра кондиција.
– Нашата држава помина четири кризи. Новата влада треба да пресмета колку долгови не се пресметани, колку во тие долгови дополнително ќе се плаќаат каматни стапки на претходно земените долгови, до каде се капиталните расходи што треба да ги наследи, што е со тие проекти – вели Бауш.
Потребно е три во едно: Кратење на расходите, повисок економски раст, зголемување на приходите!
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, теоретски, јавниот долг може да се намали на три начина – преку кратење на расходите, преку повисок економски раст и преку зголемување на приходите.
– Кратење расходи во оваа ситуација кога државата стагнира веќе неколку години и се соочува со толку многу сериозни проблеми би било катастрофално, така што мислам дека никој не смее ни да помисли на тоа. Повисок економски раст е добра идеја, ама за да има траен ефект врз јавниот долг, треба растот да биде повисок од дефицитот подолг временски период. Треба растот да е барем 3-4 отсто едно пет години по ред, а тоа, за жал, не е реално, и поради неповолната глобална економска состојба, но и поради тоа што Македонија никогаш во својата независност немала такви стапки на раст – објаснува Јовановиќ.
Петар Гошев: Долговите да се враќаат со нови заеми не е толку страшно, туку страшно е ако не расте е кономијата
Поранешниот гувернер Петар Гошев истакна дека границата од 60 отсто е можеби оптимална за земји што се дел од Европската Унија, но за Македонија тоа е висока граница, досега сите укажувања биле дека нашиот јавен долг најоптимално треба да го држиме во граница од 45 до 50 проценти од БДП.
– Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна, но клучното прашање е како се трошеа тие средства. Прв проблем беше што јавниот долг ни порасна на 50 отсто за инвестиции што не ја подобрија економијата. Сепак, клучно прашање е колкав дел од приливите на државата се одвојува за враќање на долговите – споменува Гошев.
Тој потенцира дека е очекувано долговите да се враќаат со нови заеми, но додава дека тоа не е толку страшно, туку дали расте економијата, а со неа и приливите во државната каса со кои ќе се сервисираат обврските.
– Руско-украинскиот воен судир индиректно (ќе) ја погоди и македонската економија, но државата нема многу механизми да се спротивстави на тоа. Шоковите се надворешни, а капацитетот за амортизација на ударите е потрошен во време кога не морало да се прави тоа.