Утре, пред Работничкиот дом во Скопје, симболично, во 12:05 часот, ќе започне работнички протест поради едностраната одлука на Владата за зголемување на минималната плата за 1.800 денари во нето-износ, согласно со законските критериуми. Протестот ќе започне со одржување јавна седница на органите и телата на ССМ и на здружените синдикати, а потоа ќе продолжи до Собранието, Стопанската комора и до Владата, каде што ќе се побара од пратениците да предложат и да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари. Од работодавците ќе побараат зголемување на сите други плати во приватниот сектор, а од Владата да престане да одлучува еднострано, на штета на работниците
Утре, пред Работничкиот дом (зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија) во Скопје, симболично, во 12:05 часот, ќе започне работнички протест поради едностраната одлука на Владата за зголемување на минималната плата за 1.800 денари во нето-износ, согласно со законските критериуми. Од ССМ реагираа дека за првпат од 2012 година, откога е воведена минималната плата, Владата донела одлука за усогласување на минималецот без претставници на работниците и на работодавците, односно без Економско-социјалниот совет.
– Триста членови на органите и телата на ССМ и органите и телата на синдикатите здружени во ССМ ќе ја започнат јавната седница во 12:05 часот и на улица ќе кажат дека мора да се зголемат платите. На улица бевме и во 2020, 2021, 2022 и во 2023 година, а ќе бидеме и сега – истакна претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Членовите на органите и телата на синдикатите и работниците што ќе учествуваат на јавната седница, потоа ќе продолжат до Собранието, Стопанската комора и до Владата, каде што ќе продолжат со одржувањето на седницата, од која ќе се упатат пораки: „Не може да има за пратениците, а да нема за работниците!“, „Подадената рака на работникот денес може лесно да стане стисната тупаница утре!“, „Не може да се одлучува за нас, без нас!“
– Пратениците во Собранието, избрани од работниците, да го предложат и да гласаат за предлогот на ССМ за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, како и за зголемување на сите други плати во приватниот сектор, со зголемувањето на минималната плата. Да не гласаат закони со кои се намалуваат работничките права на штета на работниците, онака сложно како што не гласаат закони за намалување на своите привилегии. Газдите од Стопанската комора да ја прифатат подадената рака на работниците за зголемување на платите, со цел задржување на квалификуваните работници во Македонија, поради тоа што најмалку 15.000 работници и граѓани ја напуштаат Македонија секоја година, па доколку не се зголемат платите, тие ќе бидат главниот виновник за егзодусот на работниците од Македонија – велат од ССМ.
Оттаму ќе побараат Владата да застане на страната на работниците, да престане да одлучува еднострано, на штета на работниците, да го почитува социјалниот дијалог и да ги запре нападите кон синдикатите и обидите да се замолчат работниците.
– Владата, како најголем работодавец, да ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор, согласно со Општиот колективен договор за јавниот сектор, гранските колективни договори, колективните договори на ниво на работодавец, како и да ги усогласи со минималната плата, согласно со посебните закони – потенцираат од ССМ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, критички се изрази за платите на синдикалците и за нивните барања, обвинувајќи дека на синдикалните лидери Трпе Деановски од УПОЗ и Слободан Трендафилов од ССМ, како што рече, „не им е грижа за работниците, туку за милионските суми што ги земаат од граѓаните во вид на плата и додатоци“. Петрушевски ги нарече Деановски и Трендафилов лажни синдикалци.
– Според информациите што ги имаме, Трпе Деановски од УПОЗ зема четири пати поголема плата од минималната плата, односно 104.000 денари. Истиот тој Трпе Деановски ги лаже работниците в очи, додека се луксузира на нивни трошок, а притоа за 2024 година и за првите два месеци од 2025 година има добиено 1.800.000 денари плата и додатоци. Додека ги лаже работниците за минималната плата и дека се бори за нив, тој има земено, за само една година, 69 минимални плати, односно околу 30 илјади евра – истакна Петрушевски.
Иван Пешевски, потпретседателот на ССМ, жестоко одговори на реакцијата на Петрушевски. На својот фејсбук-профил, Пешевски напиша дека синдикалците се финансираат од синдикалната членарина, а не од буџетот, како што е случај со пратениците.
– Пратенику Бране, синдикалците се финансираат од членарината на синдикатите и платата што ја утврдуваат органите на синдикатот, за разлика од тебе, кој земаш пари од буџетот. Ги опљачкавте граѓаните по сите параметри и уште без срам велите дека 500 евра минимална плата е многу. Убедливо сме последни во Европа – напиша Пешевски.
Тој, исто така, напомена дека минималната плата од 500 евра не е доволна за живот, туку е само основа за пресметка на другите плати. Според него, работниците не треба да бидат толку слабо платени, особено во јавниот сектор.
– Цела младина се исели поради тие мизерни плати и немањето услови за живот. Ветувавте подобра иднина за младите. Каква иднина со 400 евра плата, Бране? Борбата за достоинствени плати и безбедни услови за работи ја водиме единствено ние во ССМ и засукајте ракави, сработете нешто, а не да напаѓате колку земаат другите. Тргни од себе и кажи ѝ на јавноста колку се твоите месечни примања пред да кажуваш за другите – додаде Пешевски.
Синдикалниот лидер Трендафилов, во четвртокот, на прес-конференција, кога ја обелодени одлуката за денешниот протест, додаде дека тие не се тука за да ја рушат Владата, туку за да се покачат платите за да се живее достоинствено.