Оваа мерка на Владата, која има за цел да го зголеми производството на пченица во државата, според земјоделците е задоцнета, бидејќи досега ние како аграрна земја требаше да имаме доволно производство на пченица, пченица, јачмен… За земјоделците кои се занимаваат со производство на други култури оваа мерка е селективна, бидејќи како што велат цената на ѓубривата е зголемена за сите, не само за производителите на пченица

Се зголемуваат субвенциите за вештачки ѓубрива за производителите на пченица. Наместо 2.500 ќе се добиваат по 4.000 денари за хектар. Оваа мерка на Владата, која има за цел да го зголеми производството на пченица во државата, според земјоделците е задоцнета, бидејќи досега ние како аграрна земја требаше да имаме доволно производство на пченица, пченица, јачмен… За земјоделците кои се занимаваат со производство на други култури оваа мерка е селективна, бидејќи како што велат цената на ѓубривата е зголемена за сите, не само за производителите на пченица.

–Мерката е добра, бидејќи целта е да се зголеми домашното производство на пченица. Но, не треба да има селекција, односно да се даваат субвенции само на земјоделци кои произведуваат жито, а не и на оние кои се занимаваат со рано градинарски култури. Меѓутоа,сите овие мерки се задоцнети, бидејќи ние одамна требаше да го обезбедиме производството на храна. Ако имавме правилна стратегија во земјоделството досега ќе имавме доволно производство на стратешки земјоделски култури: пченица, пченка, јачмен… и за домашниот пазар и за извоз. Војната во Украина ги покажа сите слабости на македонскиот аграр. Владата се обидува сега во 5 до 12 да го реши проблемот, но не оди тоа така. Освен тоа веќе нема кој да работи, бидејќи младите се иселија, вели Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмица.
Мерките за помош на земјоделците се селективни и не се доволни да ги покријат зголемените трошоци за нафта, ѓубрива, репроматеријали…, оценуваат и од Здружението „Тиквешки лозароовоштари“.

-Добро е да се дадат субвенции за ѓубриво, но не само на производителите на пченица и јачмен, туку и на другите земјоделци. Покрај тоа, останаа нерешени барањата за ослободување од плаќање на водарина, закуп за користење на државно земјоделско земјиште и субвенционирање на струјата која ја користиме за пумпните станици за наводнување. За водарина месечно плаќаме 1.860 денари, а 2.300 денари за 50 вреќи ѓубре што е премногу. Ако ги немаме овие трошоци ќе ги зголемиме површините, приносите и ќе имаме поголеми приходи, што ќе биде добро и за нас и за државата. Од друга страна производителите на пченица ќе бидат принудени да ја продаваат во Македонија, а не во Грција каде што ја откупуваа по повисока цена од 13 денари за килограм, изјави за ВЕЧЕР, Дане Јошев, претседател на Здружението.
И од Националната федерација на фармери велат дека засега мерките се само на хартија и ќе чекаат да ги видат ефектите и што поскоро исполнување на останатите барања кои исто така се многу важни за зголемување на производството и приносите. Од Федерацијата бараат алтернативни пазари, бидејќи поголем дел од земјоделските производи се извезуваат во Русија, 20 отсто повисоки субвенции за сите сектори, чистење на каналите, поправка на дефектите на пумпите за наводнување, како и што поскоро земјоделците да ја добијат зелената нафта.

Од Министерството за земјоделство велат дека субвенцијата за вештачките ѓубрива за производителите на пченица ќе ги намали за 40 проценти трошоците за набавка на ѓубривото. Корисници се сите земјоделци запишани во регистар на земјоделски стопанства кои имаат засеани површини со оваа култура и кои имаат купено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во периодот од 1 декември лани до 31 мај годинава.

Оттаму соопштуваат дека за зголемување на производството и на приносите на пченица предвидени се и неколку измени во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.

Сите земјоделци, кои ќе имаат ожнеано минимум 4.000 килограми пченица по хектар, ќе добијат и дополнителна субвенција од 5.760 денари. Со оваа мерка се опфатени повеќе од 22.000 хектари насеани површини со оваа култура.