На меѓународните валутни пазари доларот во однос на еврото минатата недела достигна највисоко ниво во последните седум месеци, поради се поголемата веројатност дека Банката на федерални резерви ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки во декември, додека ЕЦБ наскоро може дополнително да ја олабави монетарната политика.
Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела падна за 1,2 проценти, на 1,0645 $, а во еден момент падна и на 1,0615 $, што е најниско ниво во последните седум месеци.
Американската валута зајакна во однос на јенот за 0,2 проценти на 122,80 ¥. Еврото во однос на јенот ослабна за 1 проценти на 130,75 ¥.
Искачувањето на доларот следеше откако беше објавен записникот од октомвриската седницата на ФЕД, кој покажа дека голем број од челниците на ФЕД се залагаат за зголемување на клучните каматни стапки во декември, бидејќи американската економија стабилно расте, а наскоро може да се постигнат целите на ФЕД целосно вработување и повисока инфлација.
Од друга страна, европската валута се најде под притисок откако претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Mario Draghi изјави дека банката ќе направи се што е потребно за да го поддржи зајакнувањето на инфлација што е можно побрзо.
“Draghi испрати пораки кои сигнализираат нови стимулативни мерки и затоа еврото слабее. Се чини дека ЕЦБ се движи по тој пат, па учесниците на пазарот почнуваат да се подготвуваат за такви потези”, изјави валутниот аналитичар во Rabobank Piotr Matys.
Повеќето големи банки цврсто се држат на ставот дека доларот ќе зајакнува кон паритет со европска валута во текот на следните месеци, затоа што американската централна банка ќе почне да ги зголемува каматните стапки, додека другите главни централни банки во светот се движат во спротивна насока.