На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот зајакна, после три неделен пад, откако некои од челниците на ФЕД порачаа дека каматните стапки може да се зголемат порано од очекуваното.
Доларот во однос на јапонската валута скокна за 1,3 проценти на 113,05 јени, отскокнувајќи од 110,67 јени, најниското ниво во последните 17 месеци, на кое падна пред една недела.
Американската валута зајакна и во однос на еврото за 0,9 проценти на 1,1165 $. Еврото во однос на јенот зајакна за 0,4 проценти на 126,25 јени.
Зајакнувањето на доларот следи после изјавите на неколку претставници на ФЕД дека благодарение на стабилниот раст на економијата и слабеењето на дефлационата закана, ФЕД може да ги зголеми каматните стапки порано одтколку што се очекуваше на пазарите.
Претседателот на огранокот на ФЕД од Ст. Луис James Bullard сугерираше дека зголемувањето на каматните стапки може да се случи веќе следниот месец.
Претседателот на огранокот на ФЕД од Филаделфија Patrick Harker изјави дека, сепак, преферира најмалку три зголемувања на каматните стапки до крајот на годината, додека на пазарите се очекуваа две зголемувања и тоа благи.
Како резултат на тоа долар индексот минатата недела се зголеми за 1,3 проценти, што е негов втор најголем неделен пораст во последните четири месеци.
Девизниот курс на еврото беше под притисок поради терористичките напади во Брисел на почетокот на минатата недела.
Според мислењето на учесниците на пазарот, нападите во Белгија може да ја зголемат веројатноста за излез на Велика Британија од Европската унија, поради што под притисок се еврото и британската фунта.