На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот зајакна, втора последователна недела, поради знаците на јакнење на американската економија, но и поради можноста за интервенција на јапонските власти на кои не им одговара силен јен.
Доларот во однос на јапонската валута минатата недела се зголеми за 1,4 проценти на 108,60 јени. Доларот зајакна и во однос на еврото за 0,8 проценти на 1,1310 $. Еврото зајакна во однос на јенот за 0,6 проценти на 122,85 јени.
Во последните две недели доларот се опоравува, бидејќи знаците на забрзувањето на растот на економијата на САД даваат поддршка на шпекулациите дека Банката на федерални резерви сепак до крајот на годината може да ги зголеми каматните стапки.
Сепак и до сега претставници на ФЕД предупредуваа дека зголемувањето на цената на парите е можно и тоа во два наврати оваа година, но пазарот не им верува бидејќи растот на најголемата економија во светот во првиот квартал забави.
Токму затоа од почетокот на годината вредноста на доларот беше под притисок, па претходно овој месец во однос кошницата валути падна на најниско ниво во последните 16 месеци.
Сепак, во последните неколку дена од САД пристигнаа солидни економски показатели, па сега инвеститорите проценуваат дека шансите ФЕД да до крајот на годината ја зголеми основната каматна стапка се 60 проценти, но не пред почетокот на летото, туку на есен.
За подемот на доларот во однос на јапонската валута, исто така, придонесоа и предупредувањата на јапонските власти дека тие се подготвени да интервенираат за да го ослабнат јенот, доколку девизниот курс им наштети на трговијата и економијата на Јапонија.