На меѓународните девизните пазари минатата недела, еврото ослабе откако Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека наскоро би можела дополнително да ја олабави монетарната политика, додека вредноста на доларот зајакна поради стабилизацијата на нафтата и акциите.
Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела падна за 1,1 проценти, на 1,0795 $.
Доларот зајакна во однос на јапонската валута за 1,5 проценти и достигна 118,78 ¥ највисоко ниво во последните две недели. Еврото зајакна во однос јенот за 0,4 проценти, на 128,25 ¥.
На почетокот на оваа недела цената на нафтата на светските берзи паѓаше по што владееше паника, па во фокусот на инвеститорите беше јапонската валута, која што зајакна бидејќи се смета за засолниште на капиталот во неизвесни времиња.
Сепак, ситуацијата се промени во вториот дел од минатата недела, откако во четвртокот ЕЦБ најави дека во март би можела дополнително да ја олабави монетарната политика, со оглед на превирањата на финансиските пазари и загриженоста околу Кина.
Тоа го поттикна растот на пазарите на акции и придонесе за опоравување на цените на нафтата од најниското ниво во последните 12 години и зголемување на склоноста кон ризик на инвеститорите.
Покрај тоа, најавата на ЕЦБ предизвика шпекулации дека другите централни банки во светот, особено во Јапонија и Кина, наскоро ќе воведат дополнителни стимулативни економски мерки.