Белгиските власти го повикаа своето население да ги троши, како што ги нарекоа, натрупаните монети на евра, за да нема потреба да ги произведуваат. Имено, во Министерството за финансии на Белгија покренаа кампања на социјалните мрежи во која повикуваат на потрошувачка на монети.

Во оваа земја има повеќе од 4,2 милијарди монети, чија вкупна вредност е повеќе од 1,5 милијарди евра. Одредени белгиски продавници немаат доволно монети за да вратат кусур при плаќање во готово.

Причината за тоа е што населението не користи голем број монети. Споменатата кампања уследи по предупредувањето од голем број клучни трговски здруженија во Белгија за недостиг на монети.

„Тврдат дека населението трупа монети во апоени од пет, десет и 20 центи. Тие истакнаа дека овие монети не циркулираат доволно“, објави Политика. „Од кризата предизвикана од коронавирусот, потрошувачите значително помалку ги користеа овие монети и ги трупаат, спречувајќи ги да се вратат во оптек. Сепак, имајќи предвид дека трговците имаат потреба од монети, постои недостиг“, објаснуваат тие.

Оние кои не сакаат да ги користат за плаќање, можат да ги депонираат во банка или да ги донираат во добротворни цели. Надлежните проценуваат дека со враќање на само два отсто од неискористените монети во оптек секоја година, може да се заштедат повеќе од пет милиони евра во трошоците за производство на нови монети.