Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во февруари 2018 година е за 0.3 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на февруари 2017 година е зголемен за 2.4 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во февруари 2018, во однос на јануари 2018 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи сe намалени во однос на јануари 2018 година.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во февруари 2018 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна e и во однос на февруари 2017 година. Се очекува бројот на вработените да порасне.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во февруари 2018 година изнесува 66.9% од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на прозводството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 21.4%, недоволната странска побарувачка со 19.0%, недоволната домашна побарувачка со 18.4% и неизвесното економско опкружување со 10.4%