Проектите кои Косово не може да ги потпише со Советот на Европа и со Европската унија се во вредност од близу седум милиони евра, се додека се во сила санкциите на ЕУ. Советот на Европа соопшти дека непотпишувањето проекти во 2023 година со Косово влијаело на севкупните перформанси на проектите што оваа организација и ЕУ заеднички ги споделуваат за партнерите од Западен Балкан и од Источна Европа.
Мерките за санкционирање на Косово имаа влијание врз намалувањето на враќањето во однос на реализацијата на проектите кофинансирани од Европската Унија и Советот на Европа. Според статистичката анализа објавена од Советот на Европа, програмата вредна 53,1 милиони евра, која се применува за земјите од Западен Балкан и Источна Европа, забележала пад на плаќањата во 2023 година за 16,5 отсто. Една од причините е непотпишувањето проекти со Косово по воведувањето мерки од ЕУ, пишува Коха, пренесува Коссев.
„Откако ќе се укинат мерките, Советот на Европа може да започне со имплементација на двата проекти за многу кратко време. Но, доколку тоа не се случи, нема да започне ниту следната фаза од Проектот против економски криминал (Фаза IV), откако досегашната фаза од овој проект ќе заврши во октомври. Предлог буџетот на предметниот проект е 2.460.000 евра“.