Ете, и тоа дочекавме, министерот Манчевски се огласи со „реформа“ за партиските трутови која уште повеќе ќе го збуни нашиот шашардисан пазар на труд. Имено, не знам што е покомплицирано, дали „реформава“ која ни ја објаснува министерот, а не можат да ја склопат седум саатџии или нејасниот, омалаксан, анемичен и скоро непосточки пазар на труд кој функционира во стилот на либералниот британски пазар на труд од пред 250 години.

Но, да одиме со ред. Министерот предлага врз основа на некоја си анализа и мислење од експертските тимови по ресорите, партиските трутови, оние кои добиле работно место врз основа на лепење плакати и урлање по митинзи, да им направиме скап трансфер во приватниот сектор. Модалитетот е преку, нормално, субвенционирање на бруто платите или плаќање за доквалификации ( што и да значи тоа – па тие и најчесто не се квалификувани on the first place, па сега ќе се „преквалификуваат„… се е тоа tabula rasa) и повторно буџетска интервенција во пазарот на труд. Самиов концепт на субвенции на бруто платите, не само што е директно мешање во концептот на А. Смит за невидливата рака на пазарот и чистењето на вишоците, туку делува толку комплицирано што до изведбата, кутрите сметководители ќе се „убијат“ во папирологија и нејасни методологии, а газдите ќе се изначекаат на парите од „субвенцијата“. Да е најтрагично, оваа субвенција ќе ја плаќаме повторно ние – граѓаните. Кај досега сме ги плаќале да дремат по ходници или по дома, сега треба да плаќаме да дремат по други фирми или да дремат по курсови за преквалификација. Нема ни временски лимит колку државата ќе продолжува да ги субвенционира трутовите. Ова е едната страна од безидејното и безконцептното решение што ад хок се нуди како калдисан коњ на Ат пазар…

Од друга страна, се трутовите, овие кои треба да бидат трансферирани во експлотаторскава машинерија наречена просечна македонска фирма. Па тие бре, луѓе златни, да биле за машала одамна ќе развиеле сопствен бизнис или ќе работеле во приватна фирма. Нема да барале ухлебување преку партиска книшка и политички интриги на државна боска. Овие луѓе, генерално се неработници и мрзеливи. И да, нека ме критикуваат за генерализацијава, но после децении гледање како се изигрува и манипулира системот, јас за овие трутови не можам да имам друго мислење. Тие се научени на неработење и ескивирање или во најдобра опција развивање сопствен бизнис ( Авон, мултилевел маркетинг, рекет или сајд бизнис) во работно време. Нема сила која овие трутови ќе ги канализира и предисциплинира на чесна и макотрпна работа. Тоа е мое мислење. Овој профил на трутови е научен да ги истиснува квалитетните пчелки, најчесто во емиграција надвор и како вештини и способности се сметаат партиските и роднински „марифети“. Тука приказната е очајна и окончана.

Од трета страна, е неинвентивниот и непродуктивен македонски бизнис. Па него не му требаат вакви трутови. Тие бараат покорни робови кои ќе молчат и голтаат. Кои ќе работат екстра саати за деценискиот фиксен минималец и ќе се сервилни до милог Бога. Нашиве бизниси, кои ја прават “првичната акумулација “( К. Маркс , м.з. ) – само што не ја користат во реинвестирање туку во купување џипови за газдите, бараат трудољубиви и безпоговорни извршители, не некакви си партиски мудреци и селски маријачи. Значи и од оваа страна респонсот кон мерката ќе биде нула.

И согласно теоријата на игри, и поставките на логичката траекторија на нештата, нашиот фокус отиде во детали и пренабрегање, и не ја послушуваме препораката баш на оваа теорија. А таа вели : При голем избор на решенија од кои не знаете за кое да се одлучите – одберете го наједноставното, најпростото.

Во случајов тоа би било прост ОТКАЗ. И не знам што е толку страшно тоа? Каква е оваа држава и овој систем кој самиот себе не може да се откине од трут културата. Па ќе тужеле, ќе биле навредени и што ти не знам ни јас. Абе пријатели, изготвувате нова систематизација, ги прогласувате за технолошки вишок и чао рагаца. Ќе тужеле… нека тужат… законот треба да се тумачи правилно. Законот за заштита на вработените е плод на вековната борба на работниците ( не на трутовите ) и истиот треба да се имплементира соодветно. Овој плод на левичарството за запирање на експлоатацијата и економската хегемонија не смее да се користи за параван за трутовите. Едноставно е …. сменете систематизација. Укинете ги работните места како кафекувар, фотокопирач-умножувач, сетики некакви советници, па шеф на кабинет, па шеф на протокол, па шофер, па какви не глупости што се напикани во систематизациите. Па не сме до толку глупави ние отстрана…. Не треба ни некаква мудрост за оваа работа… Е ама требаат му…. да не речам храброст за оваа работа….А таа ја немате….А знаете зошто ја немате? Затоа што калкулирате со изгубени гласови на следните избори. Секогаш овде е таа калкулација, за да останувате на власт. Поради оваа калкулација ниту пазарот на труд се оформува ниту ние како држава и општество мрднуваме од тињава и мракобесиево… Кој ќе го направи првиот „кат“?

 

Наум Димитровски