Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недостигот од квалификувана работна сила со 15,1 отсто, недоволната странска побарувачка со 19,2 проценти, неизвесното економско опкружување со 16,3 отсто и недоволната домашна побарувачка со 12,5 проценти

Неизвесноста е еден од факторите што придонесуваат за ослабување на економските перформанси на компаниите. Како средина во која неизвесноста е речиси постојано присутна, бизнис-заедницата укажува оти се потребни предвидливост и стабилност за раст на економијата. Сепак, случувањата во последните две години, или од почетокот на пандемијата, и државите и бизнисите ги држат постојано во една неизвесна ситуација, покрај предизвикот да се намалат штетите од пандемијата и рестриктивните мерки, како продолжение се наметнаа енергетската криза, па сега и воениот конфликт во Украина, коишто дополнително ги влошуваат изгледите за подобри економски остварувања.

Последната оцена на раководителите на деловните субјекти е дека индикаторот на довербата во преработувачката индустрија во февруари 2022 година е намален за 0,2 процентни поени во однос на јануари 2022 година, а во однос на февруари 2021 година е намален за 0,4 процентни поени, стои во извештајот на Државниот завод за статистика.

– Состојбата на обезбеденоста на производството со нарачки во февруари 2022, во однос на јануари 2022 година, е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се непроменети во однос на претходниот месец, а резервите на готовите производи се намалени. Оцената за економската состојба на деловните субјекти во февруари 2022 година е поповолна во однос на претходниот месец, a понеповолна и во однос на февруари 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали. Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот од квалификувана работна сила со 15,1 отсто, недоволната странска побарувачка со 19,2 проценти, неизвесното економско опкружување со 16,3 отсто и недоволната домашна побарувачка со 12,5 проценти – тврдат од ДЗС.

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија посочува дека неизвесноста во Македонија е присутна насекаде, па укажува оти истото тоа во овој период се должи и на случувањата во странските економии.
– Неизвесното економско окружување е присутно во нашата економија, некаде повеќе, а некаде помалку и тоа најмногу е резултат на случувањата во странските економии што се наши стратегиски партнери, но и од политичките одлуки на нашите политичари, кои вонредно ја зголемуваат неизвесноста. И додека на случувањата во странство не можеме да влијаеме, тогаш на домашните случувања би требало повеќе да внимаваме. Разните измени на закони што влијаат на бизнис-климата не треба да се носат набрзина, туку тоа треба да биде процес со долга дебата на сите заинтересирани страни, а не само на Владата и Собранието, за кое знаеме дека е партиска машинерија. Како пример ќе посочам дека Европскиот парламент во октомври 2019 година донесе резолуција со која ја задолжи Европската комисија да предложи инструмент за праведни минимални плати во Европската Унија. Преговорите за висината на минималната плата во однос на просечната плата во Европа сѐ уште траат. Во секој случај треба да сме многу внимателни со задржувањето на нивото на индустриско производство во вкупниот бруто-домашен производ, бидејќи на овој степен на развиеност не треба да ги копираме високоразвиените држави, кои имаат сосема различни фактори на развој од нашите. Секоја желба да прескокнеме одредени нормални процеси на развој на економијата ќе ни се удри од глава, затоа што економијата не се води од желбите туку од можностите што ги имаме – укажува Димитров.

Дека неизвесноста претставува сериозна кочница за развојот на економиите посочуваат и од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
– Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022 г. Во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од наметнатите санкции врз Руската Федерација за пазарите на енергенти, изгледите за растот на македонската економија во 2022 г. се изразено надолни, односно претходната проекција за 2022 г. од 4 отсто станува нереална во новите околности – велат од „Фајненс тинк“.
Претставниците на Бизнис-заедницата укажуваат оти 2022 година ќе биде тешка и неизвесна година за сите, бидејќи се соочуваат со огромни поскапувања на сите репроматеријали и тоа ќе се одрази на планираните производствени активности.

Управителот и сопственик на компанијата „Македонија експорт“, Калин Бабушку, вели дека голем проблем е нарушениот вредносен синџир, поради што во овој период многу е потешко да се набават суровини и да се извезе.
– Се чека по неколку месеци за да има слободен термин за утовар на солунското пристаниште, за да може да излезе стока на друг континент. Но тоа што многу ме плаши е што не учиме од грешките. И по оваа криза, пак е мал бројот на фирми што инвестираат во алтернативи на доставувачи и наоѓање нови пазари, како и да се инвестира во нова и подобра технологија, која ќе ја намали зависноста од луѓе, енергенти и други инпути што влијаат на цената. Логистиката е отежната и ќе треба да се најдат нови извори на набавка. Но тие ќе треба да се воспостават, затоа што во моментов никој не сака да влегува во ризик. Цените растат насекаде, а се намалува и куповната моќ на луѓето. Имајќи го предвид сето ова, како и други фактори, ќе треба да се преструктурираме и да размислуваме за нов начин на работа – укажува Бабушку.