Цените на нафтата паднаа под нивото од 62 долари за барел, бидејќи инвеститорите почнаа да ги повлекуваат средства од ризичните инвестиции поради воведувањето на контрола на капитал во Грција.
На лондонскиот пазар цената на нафтата се намали за 1,66 долари во споредба со претходното затворање и се спушти на 61,60 долари за барел. На американскиот пазар се тргуваше за 1,40 долари пониска цена, од 58,23 долари.
Грција одлучи да ги затвори банките и да воведе контрола на капитал со цел да се стабилизира финансискиот систем и да се спречи одливот на пари. Атина најави референдум за претстојниот викенд на кој граѓаните треба да се изјаснат за условите на кредиторите. Таквата ситуација ги загрижи инвеститорите, кои почнаа да се повлекуваат од ризичните инвестиции, како нафтата.
Дополнителен извор за неизвесност се преговорите помеѓу Иран и западните сили за контроверзната иранска нуклеарна програма. Иран се откажува од привремениот нуклеарен договор со светските сили склучен пред три месеци, оценуваат западните претставници. Американските и иранските официјални лица оценуваат дека разговорите за финалниот договор најверојатно ќе продолжат и по истекот на крајниот рок, 30 јуни.
Договорот ќе стави крај на спорот помеѓу Иран и Западот околу нуклеарната програма на Иран и на крајот може да резултира со укинување на санкциите против Иран со што ќе се зголеми извозот на нафта, што додатно ќе го оптовари веќе заситениот светскиот пазар.