Со оглед на фактот дека, кога станува збор за услугите што ги нудат банките на своите потенцијални клиенти, многу често можат да се претворат во, на некој начин, ограбување на клиентот, советите околу тоа како да се заштитите од потенцијалните банкарски замки добро ќе ви дојдат.
Секако, банките во маркетинг-кампањите го претставуваат својот производ или својата понуда, како нешто што ви е потребно, од кое ќе имате огромна корист, како нешто подготвено и создадено за вас. Но, во реалноста, сликата е сосем друга.
-Обрнете внимание на каматните стапки Кога банката, на пример, рекламира станбен кредит, потенцира дека каматната стапка изнесува одреден процент за првите две години. Но, што е со следните 18 години, ако, ете, да речеме, кредитот е 20-годишен? -Во тие следни 18 години банката може да си ја менува каматната стапка колку сака и како сака. Не можете да имате влијание за тоа како ќе се одвива исплатата на долгот што го имате кон неа. Во зависност од условите, можете да исплатите и третина повеќе.
-Пред да одлучите дали да земете кредит, внимателно разгледајте ја оправданоста на инвестицијата кој сакате да ја финансирате на тој начин. Избрзана и непромислена одлука може да биде долгорочен товар за вас или за вашата фирма. Доколку сакате да се осигурате дека ќе можете уредно да го сервисирате долгот по кредитот и тековните обврски што произлегуваат во текот на редовното работење, најдобро е да направите бизнис план.
-Добро направениот бизнис план првенствено ќе ви помогне да донесете правилна одлука кога станува збор за кредитно задолжување, а воедно и да ги убедите кредиторите дека се работи за профитабилен бизнис потфат. При земањето на кредит потребно е да се внимава на следново:
- Што е тоа ефективна каматна стапка и кои надоместоци се вклучени во пресметката на истата
- Дали номиналната каматна стапка е фиксна или променлива
- Колкава интеркаларна камата се пресметува доколку кредитот е со грејс период
- Колкав е вкупниот износ кој ќе го платите по основ на камати и надоместоци на банката.