Нема зголемување на платите за административците и помошно техничкиот персонал во здравствениот сектор. Од Министерството за здравство ги згаснаа надежите на околу 7000 вработени кои очекуваа поголем личен доход од февруари исто како и медицинскиот персонал.
-Кога станува збор за администрацијата во здравството, таа е дел од администрацијата во државниот сектор и не може да се одвојува како посебен дел. За неа важат одредбите од законот за јавна администрација и поради тоа не може да се одвојат псоебно, стои во писмениот одговор од Министерството за здравство
Од координативното тело на администрацијата во здравството велат дека постои голема разочараност и револт кај нивните колеги и следните чекори кои ги планираат се тужба пред суд, проверка на уставноста на колективниот договор и нови протести. Вработените во овие сектори се надеваа дека ќе дојде до договор со здравствените власти бидејќи во разговорите биле вклучени и синдикатите во здравството, а имале средба и со министерот за администрација.
-Викендот се појави неофицијална информација дека можеби ќе има зголемување на платите од 5 проценти само за помошно техничкиот персонал, но не и за администрацијата. Има големо незадоволство кај колегите и јас се надевам дека овие информации не се точни и дека до тоа нема да дојде, вели Александар Трајчевски од Координативно тело на здравствена администрација.
Само на скопските клиники има повеќе од 1500 вработени кои не се опфатени со најавеното зголемување на платите од февруари кога лекарите специјалисти треба да добијат за 25 проценти поголем личен доход а сестрите за 10. Минатиот месец администрацијата и помошно техничкиот персонал протестираа пред Министерството за здравство барајќи да не бидат дискриминирани, туку да го ценат и нивното достоинство.