Од вкупно 19 централни банки во еврозоната, 17 од нив од 27 јануари ќе прекинат со издавање на банкнотата од 500 евра, соопшти Европската централна банка.
Германија и Австрија ќе продолжат да ја печатат 500-ката до 26 април. Банките на овие држави се одлучиле на ваков чекор од логистички причини.
Плановите за укинување на банкнотата од 500 евра беа најавени во мај 2016 година. Сопствениците на 500-ките и понатаму ќе можат да ги користат за плаќање или за штедење.
Банкнотата од 500 евра е една од петте највредни банкноти во светот, а многумина сметаат дека таа им е омилена на криминалците.
Банкнотата, која „обичниот“ граѓанин ретко кога може да ја види, го доби прекарот „Бин Ладен“, како поради нејзината наводна употреба за финансирање на криминалот и тероризмот, така и поради статусот на добро познато средство за плаќање кое ретко се користи во секојдневна употреба.
Според податоците на ЕЦБ, моментно постојат 521 милион банкноти од 500 евра, а последната е пуштена во оптек во 2014 година.