Во земјава нема проблем во делот со снабдување и производство на масло за јадење, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој истакна дека министерството е редовно во контакт со трите домашни производители на масло за јадење и, како што вели, ако е потребно ќе донесат дополнителни мерки за да се ублажи притисокот во делот на зголемување на цените.
Бектеши додаде дека се забележани одредени покачувања на малопродажните цени на маслото за јадење заради зголемувањето на цените на суровото масло на берзите.
„За основните прехранбени производи како Влада веќе донесовме одлука во делот на намалување на ДДВ-то од 5 на 0 отсто, а правиме и други мерки за утврдување на одредени количини кои преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство би можело да бидат субвенционирани за нашите производители“, рече Бектеши, во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Тој вели дека според информациите што ги добил од производителите на масло за јадење, тие имаат соодветни резерви и редовно ги снабдуваат сите трговци на мало со масло за јадење.