Откако минатата недела вредноста на криптовалутите стабилно растеше, вчера за само еден час вредноста на биткоинот падна за 300 долари, а по него следеше пад и на вредноста на останатите криптовалути како ethereum и ripple. До утрово, вредноста на биткоин падна за 1.000 долари за само 24 часа.
Причината за падот не е целосно разјаснета, иако некои аналитичари велат дека паничната продажба на криптовалути ќе придонесе до понатамошен пад во иднина.
Додека вредноста на биткоин падна за 12%, тој не беше најсилно погоден од ненадејниот пад. Баш напротив, тоа беа валутите ethereum, ripple, bitcoin cash и EOS, чија вредност падна за 20%. Кога се работи за биткоин, оваа криптовалута го достигна едномесечниот врв во вторникот, што предизвика оптимизам кај експертите дека нејзината вредност може да продолжи да расте во иднина.
„Цената на биткоинот расте во последните неколку месеци, но ако сум на ваше место би бил претпазлив со инвестирањето во оваа криптовалута. Може да бидеме оптимисти за она што е пред нас бидејќи има многу добри вести за развојот на биткоинот, но ќе треба да помине уште некое време за сите тие промени да влијаат на вредноста“, вели Оливер Ајзакс, експерт во полето на криптовалутите.
Веројатно паметите дека кон крајот на минатата година вредноста на биткоинот порасна до 20.000 долари за еден токен, но во 2018 година работите не се толку сјајни, иако цената на оваа криптовалута се стабилизираше на околу 7.000 долари за токен.