Неопходна е стратегија и модернизација да се зголеми домашното производство, апелираат од Федерацијата на фармери. Велат, обработливата површина да им се даде на вистинските земјоделци, да се направат клучни реформи во земјишната политика, но и политиката на субвенционирање…
Ниските откупни цени, необезбеден пласман, неодговорното производство, високите трговски маржи, климатските промени се дел од причините за намалено на земјоделското производство, вели претседателката на Федарација на фармери на Македонија, Васка Мојсовска. Неопходна е стратегија и модернизација на земјоделството за да се зголеми домашното производство, да се намали увозот, а со тоа и цените на овошјето и зеленчукот. Просечната возраст на земјоделец од земјава е 55 години, додава таа.
Нашиот земјоделски модел треба да го трансформираме од традиционален во пазарно ориентиран начин на стандардизирано производство, вели стопанственикот Миле Цеков. Неопходни се клучни реформи во земјишната политика, но и политиката на субвенционирање. Обработливата површина да им се даде на вистинските земјоделци, бидејќи тие во моментов обработуваат многу мала површина на земја. Потребно е да се инвестира во квалитетот на живеење во руралните средини, додава тој.
Од земја која го хранеше цел Балкан, станавме увозно зависна земја од храна. Според податоците на Царинската управа од почетокот на годината до средината месецов, увозот на домати бил во вредност од 297 милиони денари, на пиперки 182 милиони денари, а на краставиците 27 милиони денари.