Во земјава поголем е бројот на повреди на економските и социјалните права на граѓаните, што се должи на се поголемата сиромаштија во земјата, високиот степен на невработеност, но и на бавните реформи во делот на социјалната и здравствената заштита.
Лицата со попреченост, Ромите, текстилните работнички, жените од руралните средини се уште се едни од најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки за унапредување на нивниот социјален и општествен статус.
Образованието останува недостапно за многу лица од овие групи, главно поради непристапноста на образовните објекти за лицата со попреченост и девојчињата од руралните средини, како и поради испишувањето на голем број ученици од ранливите групи поради сиромаштија на семејствата и влегувањето во малолетнички бракови, укажуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Поради ваквата состојба, државата треба што поскоро да започне со реформа на системот за социјална и здравствена заштита, како и образовниот систем со цел подобрување на еднаквиот пристап на граѓаните до сите добра и услуги кои државата ги обезбедува, а со тоа подобрување и на квалитетот на живот.
Посебно внимание треба да се посвети на ранливите групи, за кои конечно треба да се применат ефикасни политики за подобрување на нивниот социјален и општествен статус. Ова секако ги опфаќа политиките за вработување на овие лица и механизмите за заштита при прекршување на нивните права.
Според Хелсиншки комитет, во најскоро време треба да биде донесена нова стратегија за деинституционализација и државата сериозно да започне со нејзина примена, со цел најранливите лица, сместени во институциите од системот, конечно да добијат соодветна вонинституционална грижа.