Зголемувањето на светската популација ќе бара прилагодување на исхраната на човекот со намалување на потрошувачката на шеќер, сол и производи од месо, сметаат во компанијата „Нестле“, која е еден од најголемите светски преработувачи на храна.
Имаме 7,5 милијарди луѓе, а населението сè уште расте па треба да се јаде повеќе зеленчук, житарки, а помалку шеќер и производи од месо, изјави Лорен Фриксе, извршен потпретседател и шеф на „Нестле“ во САД. .
Според него, промените се неопходни поради ограничените природни ресурси и растечкиот здравствен проблем со дебелината со кој се соочуваат речиси сите поразвиени држави. Тој додаде и дека во светот се зголемува јавната свест за суровините што се користат во производството на храна.
Има многу поголема чувствителност за ова прашање насекаде, не само во Европа или САД. Во поврзан свет сме, луѓето имаат пристап до информации, потрошувачите сакаат да знаат од каде доаѓаат суровините, речеФриксе.
На светско ниво, „Нестле“ e најголем купувач на кафе, шеќер, какао и млеко. Од компанијата велат дека јасно им кажуваат на снабдувачите да не купуваат суровини кои се произведени во неодамна уништените шумски области или од области од каде е пријавена злоупотреба на детски труд.