НЛБ банка АД Скопје, минатата година оствари нето добивка од работењето во износ од 2.219.107.000 денари (околу 36 милиони евра) што е за 30,2 отсто повеќе во однос на претходна година, соопшти банката во извештајот за работењето доставен до Македонската берза. За истиот период бруто добивката на банката изнесува 2.445.178.000 денари (39,75 милиони евра), за 31,6 отсто повеќе во однос на 2020 година.
Како што се вели во Анализата на финансиските резултати на НЛБ Банка АД Скопје, заклучно со 31.12.2021 година билансната сума на банката достигна 107.709.479.000 денари (1,7 милијарди евра), што е за 11.164.266.000 денари или 11,6 отсто повеќе во однос на една година претходно.
Вкупните кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 65.593.290.000 денари и бележат зголемување од 13,1 отсто во однос на 31.12.2020. И покрај продолжената ситуација со КОВИД-19 во земјата, кредитирањето кај домаќинствата и нефинансиските правни лица продолжи да се зголемува и во текот на 2021 година.
Вложувања во хартии од вредност изнесуваат 18.341.504.000 денари и се зголемени за 12,1 отсто во однос на 31.12.2020 како резултат на зголемено вложување во домашни државни обврзници и странски државни обврзници и записи.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 86.589.168.000 денари и во однос на 31.12.2020 година се зголемени за 6.809.329.000 денари или за 8,5 отсто.
Од банката појаснуваат дека зголемувањето на депозитите се должи на нови клиенти од сегментот домаќинства кои се приматели на пензии, плата и други видови примања, нови клиенти кои ги користат физичките и електронските платни сервиси на Банката и нови клиенти од сегментот нефинансиски правни лица, како и на зголемувањето на приливот на средства на сметките на постојните клиенти во домашна и странска валута.
Обврски по кредити се зголемени за 1.096.559.000 денари заради повисокиот износ на повлекување на средства од кредитни линии кои се пласираат до крајни корисници – клиенти на Банката.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 4,9 отсто и изнесуваат 14.069.726.000 денари.
Нето каматните приходи, заклучно со 31.12.2021 година се повисоки за 3,2 отсто споредено со претходната година, при што приходите од камати се пониски за 0,2 отсто, главно поради пониски каматни приходи од секторите нефинансиски правни лица, банки и штедилници и население, додека расходите по камати се пониски за 24,0 отсто главно поради пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување.
Нето приходите од провизии се повисоки за 7,1 отсто споредено со претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 19,4 отсто како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали, повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата и од трансакциски сметки. Расходите за провизии се зголемени за 41,8 отсто, главно поради повисоки расходи за картично работење и повисоки расходи за услугите за работењето со готовина.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 5.167.258.000 денари и се повисоки за 14,7 отсто во однос на претходната година.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 2.099.245.000 денари и се зголемени за 8,9 отсто при што трошоците за вработени се повисоки за 6,1 отсто, трошоците за амортизација се повисоки за 16,6 отсто, останатите расходи од дејност се повисоки за 9,9 отсто во однос на претходната година.
Од НЛБ банка велат дека и во текот на 2022 година во фокусот на своето работење банката ќе ја има дигитализацијата на производите и услугите со цел постигнување на поголема достапност, а истовремено следејќи ги светските технолошки трендови. Исто така, континуирано ќе се работи на проширување на палетата на производи и услуги, зголемување на квалитетот на услугите.
Што се однесува до сегментот на стопанството, во кредитирањето фокусот ќе биде насочен кон т.н. „зелени кредити“ – кредитирање во области за производство на електрична енергија од обновливи извори, намалување на загадувањето и унапредување на животната средина.