На крајот на вториот квартал годинава нето надворешниот долг изнесувал 4.324 милиони евра (или 30,5 проценти од проектираниот БДП), соопшти денеска Народната банка.
Според податоците на НБ, нето надворешниот долг на земјата, во вториот квартал од 2023 година е зголемен за 121 милион евра, или за 2,9 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти. Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 12 милионa евра (или 0,3 проценти), во услови на зголемување на нето јавниот долг (за 88 милиони евра) и намалување на нето приватниот долг (за 76 милиони евра).
Во текот на вториот квартал годинава, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 226 милиони евра и изнесува 8.357 милиони евра, што претставува 58,9 проценти од проектираниот БДП за 2023 година.
Статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, што го објави Народната банка, покажува дека на крајот на јуни годинава, бруто надворешниот долг изнесува 11.397 милиони евра (или 80,3 проценти од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 338 милиони евра или за 3,1 процент. Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 195 милиони евра.
Оваа квартална промена, појаснува НБ, е резултат на зголемениот приватен долг (за 187 милиони евра) и зголемениот јавен долг (за 8 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 108 милиони, евра), приватните банки (за 41 милион евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 37 милиони евра). Кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 8 милиони евра е резултат на зголемувањето на долгот на секторот „држава“ и на јавните банки и јавните претпријатија (за по 6 милиони евра, соодветно), при намалување на долгот кај централната банка (за 4 милиони евра).
Во споредба со крајот на 2022 година, бруто надворешниот долг е повисок за 607 милиони евра, или за 5,6 проценти. Притоа, во првата половина од 2023 година, долгот со исклучен ефект од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка е зголемен за 677 милиони евра. Остварениот раст е резултат на зголемениот јавен надворешен долг (за 408 милиони евра) и зголемениот приватен долг (за 269 милиони евра). Растот на јавниот долг е резултат на зголемените обврски на секторот „држава“ (за 455 милиони евра), во услови на намалени обврски на јавните банки и јавните претпријатија (за 42 милиона евра). Во однос на приватниот долг, раст е забележан кај капитално поврзаните субјекти (за 292 милиона евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 42 милиона евра) додека долгот на приватните банки бележи намалување (за 66 милиони евра).
Бруто надворешните побарувања, на крајот на вториот квартал од годинава, изнесуваат 7.074 милиони евра (или 49,9 проценти од проектираниот БДП) и забележале квартално зголемување од 216 милиони евра (или за 3,2 проценти). Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 215 милиони евра и изнесуваат 6.995 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените приватни побарувања за 168 милиони евра и зголемените јавни побарувања за 48 милиони евра.
-Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 115 милиони евра), депозитните институции (за 50 милиони евра) и останатите сектори (за 3 милиони евра), посочуваат од НБ.
Растот на јавните побарувања, пак, се должи на зголемените побарувања на централната банка.
Во споредба со крајот на претходната година, бруто надворешните побарувања се повисоки за 595 милиони евра. Без ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто надворешните побарувања се зголемени за 662 милиона евра, и тоа како резултат на зголемените приватни побарувања (за 344 милиони евра) и јавни побарувања (за 318 милиони евра). Растот на приватните побарувања произлегува од зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 312 милионa евра) и останатите сектори (за 87 милиони евра), при пад на побарувањата на депозитните институции (за 55 милиони евра).
Како што појаснува централната банка, кварталното зголемување на негативната МИП, нето, произлегува од поинтензивното зголемување на обврските (за 467 милиони евра) во однос на зголемувањето на средствата (за 241 милион евра). Гледано по инструменти, нето-обврските врз основа на должнички
инструменти се зголемени за 121 милион евра, додека нето-обврските врз основа на сопственички инструменти бележат зголемување за 105 милиони евра.
Во споредба со крајот на 2022 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 209 милиони евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на сопственички инструменти (за 197 милиони евра) и должнички инструменти (за 12 милиона евра).