Нето-олеснувањето на условите за одобрување корпоративни кредити продолжи и во последниот квартал од 2019 година, но посилно во споредба со претходната анкета. Нето-олеснувањето е поизразено за кредитите на големите претпријатија и за долгорочните кредити. Имено, една четвртина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови, додека поголем дел од банките (70%) укажуваат на непроменети услови при одобрувањето кредити на претпријатијата. Нето-олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во четвртото тримесечје од годината, е посилно во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За првиот квартал од 2020 година, банките упатуваат на нето-олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити, но малку поизразено во споредба со претходната анкета, се наведува во Анкетата за кредитната активност на Народната банка која се однесува на четвртиот квартал од 2019 година.
Според согледувањата на банките за поединечните услови за кредитирање на корпоративниот сектор, најголемо олеснување во четвртиот квартал се забележува кај каматната стапка, слично како во претходната анкета. Промена, поточно мало заострување, се забележува кај барањата за обезбедување, за разлика од претходната анкета кога овој фактор придонесува за олеснување на кредитните услови. Во однос на останатите услови, не се забележуваат позначителни промени во споредба со претходниот квартал, покажува најновата анкета на Народната банка.
Банките укажуваат на изразено нето-зголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити во четвртиот квартал од 2019 година, наспроти малото нето-намалување во претходната анкета. Воедно, и очекувањата на банките во минатата анкета укажаа на зголемување на побарувачката за кредити во последниот квартал од годината. За наредното тримесечје, банките укажуваат на раст на вкупната побарувачка, но поумерено во споредба со очекувањата од претходната анкета, се наведува во анкетата за кредитната активност на Народната банка.
Во четвртиот квартал на 2019 година, кај кредитите на домаќинствата се забележува натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови. Притоа, нето-олеснување на условите се забележува и кај станбените кредити и кај потрошувачките кредити. Кај станбените кредити, околу 8% од банките (наспроти околу 59% во претходната анкета) укажуваат на олеснување на кредитните услови, додека останатите банки укажуваат на непроменети кредитни услови. Кај потрошувачките кредити, околу 10% од банките укажуваат на олеснување на кредитните услови, при што и понатаму најголем процент од банките укажуваат на непроменети кредитни услови. Притоа, околу 10% од банките укажуваат на заострување на условите за одобрување потрошувачки кредити, што не беше случај во претходната анкета. Нето-олеснувањето на кредитните услови во четвртиот квартал е согласно со очекувањата на банките дадени во претходната анкета, но послабо. За првиот квартал од 2020 година банките и натаму очекуваат нето-олеснување на кредитните услови, коешто е послабо во однос на очекувањата од претходната анкета, покажува анкетата на Народната банка.
Според согледувањата на банките за конкретните кредитни услови, оценетото нето-олеснување во поголем дел произлегува од каматната стапка кај двата типа кредити на домаќинствата, при што значително е поизразено кај станбените кредити. Така, околу 39% од банките укажуваат на намалување на каматната стапка на станбените кредити, додека кај потрошувачките кредити, околу 20% од банките се изјасниле на овој начин. Кај останатите кредитни услови на станбените и потрошувачките кредити се забележува натамошно нето-олеснување, но послабо во однос на претходната анкета, со исклучок на достасувањето на заемите кај станбените кредити којшто и понатаму е оценет како непроменет, односно делумно заострен кај потрошувачките кредити, се наведува во анкетата на Народната банка.
Од факторите за согледување на ризикот, очекувањата за вкупната економска активност и натаму се фактор којшто придонесува за нето-олеснување на условите кај станбените и потрошувачките кредити, со иста динамика како и во претходната анкета. Ризикот од неизвршување на обезбедувањето и натаму предизвикува заострување на условите кај двата типа кредити, слично како и во претходната анкета. Кредитната способност придонесува за нето-заострување на условите за одобрување на станбените кредити, односно во најголем дел за непроменетост кај потрошувачките кредити, покажува анкетата за кредитната активност на Народната банка.
Во четвртиот квартал на 2019 година, одговорите на банките укажуваат на нето-зголемувањето на побарувачката на вкупните кредити кај секторот „домаќинства“, за разлика од нето-намалувањето во претходната анкета, се наведува во анкетата на Народната банка.