Факт – Левичарите се скарани со факти. Левичарите живеат во светот на приказни. Левичарот е скаран со фактичкото функционирање на моторот на нештата.

Ако прашаш еден типичен левичар, злобната империјалистичка САД е во постојан пад. Оние што имаат атом познавање од финансии ќе се дрзнат да речат дека доказ за тоа е фактот што американскиот долар, според нив, слабее, дека земјите постепено се ослободуваат од неговата злобна стега. Според нив, комунистичка Русија и Кина играат здружено создавајќи гео-политички удар врз САД со тоа што прават дампинг на американски државни обврзници во обид да го сузбијат доларот и моќта на доларот.

Убава приказна за во кооперација, со пивце во рака. Но фактите велат дека истата таа Русија до пред неколку години не беше ниту во првите десет по големината на своето портфолио на Американски државни обврзници, за да денес воопшто да не ја најдеш на листата на првите дваесет.

Да се вратиме на темата. Дали левичарот може да продуцира барем еден емпириски доказ дека доларот умира?

Да образложам со еден конкретен пример. Да погледнеме графикон со податоци.

Графиконот ги изразува нето позициите на приливи или одливи на американски долари назад во САД според TIC извештаите.

TIC report (Treasury International Capital) е месечен и квартален извештај што го издава Министерството за Финансии на САД а кој покажува дали имаме нето прилив или одлив на американски долари во САД.

Да се потсетиме на типичната левичарска бајка – земјите се обидуваат да се тргнат од злобниот империјалистички долар.

Која е вистината? Земјите обично се обидуваат да дојдат до резервна валута – која во последните 50 години е американскиот долар, а чие што снабдување стана огромен проблем од Светската Финансиска Криза од 2009 па наваму.

Накратко да се потсетиме зошто е толку важна резервната валута? Бидејќи им овозможува на земји со драстично различни економски системи да сеуште тргуваат меѓу себе, подигајќи го животниот стандард на своите граѓани.

TIC извештајот ги мери тековите на портфолио капитал во САД, и од САД и резултантната нето позиција меѓу САД и остатокот од светот, односно нето позицијата меѓу банките на територијата на САД и експозитури на американски банки низ остатокот од светот. Во суштина извештајот продуцира нето извештај за приливи и одливи на долари во и од САД на база на трговија со хартии од вредност – државни записи и државни обврзници.

Eве како изгледа еден месечен TIC извештај:

Американските државни обврзници не се обични хартии од вредност. Американските државни обврзници се оние позади кои како гарант се јавува најмоќната економија во светот. Поради тоа се доста барани, како колатерал на репо пазарите, и како складиште на ликвидност.

Што значи последново? Значи дека американсите државни хартии од вредност се разменски инструмент, што се одликува со висока ликвидност. Во добри времиња, времиња на експанзија на глобализацијата, на раст на трговската размена, поголемиот дел од светот сведочи прилив на долари на своите територии.

Овие долари се вишок и затоа централните банки решаваат да ги заменат за американски државни хартии од вредност. Зошто? Рековме погоре – заради тоа што се ликвидни и доста барани.

Во добри времиња, во услови на изобилство на долари централните банки купуваат американски харти од вредност, заради некаков си принос но уште поглавно за да резервираат гарантиран пристап до резервна валута во периоди кога фали резервна валута – а вакви периоди се доста чести од 2009 па наваму.

Значи во услови на недостиг на долари, централните банки продаваат американски хартии од вредност за да се стекнат со свежи долари и да им асистираат на деловните банки во рамките на својата национална економија. Ако не ви се верува во кажаното, прашајте си ја вашата friendly neighborhood central bank, во случајот кај нас, Народна Банка или проверете го нејзиниот Биланс на Состојба.

Што ни кажуваат фактите погоре?

Погледни го првиот круг – од 1995-2007. Речиси и да немаме одлив на долари. Ова е така бидејќи светот се соочи со изобилство на резервна валута, и при таков период ги складираше тие вишок долари купувајќи Американски хартии од вредност – значи прилив за Министерството на Финансии на САД и тоа огромен, невиден дотогаш. Единствениот мал исклучок беше во 2001 година, точка што речиси и да не се забележува на обележаниот дел на графиконот погоре.

Oва беше истиот период на забрзана глобализација, уште една златна доба за светската екононија, кога цели економии во развој избиваа и се развиваа забрзано, вклучувајќи го и пристигнувањето на Кина на глобалната економска сцена, за која нели ако го прашате типичниот Македонски маалски левичар ќе ви рече дека се развила ради успешноста на комунистичкиот модел а не ради лесниот пристап до резервна валута во тие времиња.

Што гледаме од овој извештај од 2009 па до сега? Постојани потресувања. Глобалната економија никако да се врати на трендот пред 2009 година. Краткорочни периоди на приливи на долари во САД, кога остатокот од светот купуваше Американски хартии од вредност во очекувања на подобрена економија за да набрзо повторно се соочат со недостиг на резервна валута и повторно бидат приморани да продаваат Американски државни хартии од вредност за да дојдат до истата.

Во само еден приказ ја имаме жалната состојба на нештата од Светската Финансиска криза од 2009 па наваму, што кулминира со најжалниот момент – периодот од четвртото тромесечје на 2020 па наваму.

Да се присетиме дека во Октомври 2020 во САД за претседател беше избран Џо Бајден од редовите на Демократите. Неговото прво ветување и типична Демократска политика беше – трилиони долари стимул за економијата погодена од пандемија, ќе го преплавиме светот со долари. Пазарите имаа краткорочен оптимистички момент за да набргу се потсетат дека ова е веќе видено сценарио за време на последните не една, не две, или три туку четири серии на стимул за кои лаичката јавност обично не е запознаена бидејќи медиумите најмноги известуваа за првата серија, она што се случи во 2009 година, во екот на кризата.

Ако светот беше преплавен со долари како што најави Бајден, зошто тогаш остатокот од светот повторно беше приморан да продава американски хартии од вредност за да дојде до долари (одлив за Американското Министерство за Финансии)?

Каде се трилионите долари? Зарем не го видовме графиконот на Федералните резерви каде линијата на испечатени пари скокна експоненцијално нагоре? Можеби никогаш ги немаше? Можеби заради тоа што зголемување на банкарски резерви не претставува зголемување на количината на пари во права смисла на зборот?

Федералните резерви на САД обезбедуваат засебна услуга наречена custody of treasuries on behalf of foreign institutions или едноставно, услуга преку која ги чува веќе купените американски државни хартии од вредност од страна на странски централни банки и министерства за финансии.

Овој помошен графикон ги надополнува сознанијата од првиот, најгоре

Што гледаме тука? Гледаме дека во речиси истите периоди како графиконот погоре, обемот на Американски државни обврзници во сопственост на странски ентитети што се оставени на чување (custody) во Американската централна банка опаѓа.

Периодите во кои се намалува овој обем се истите периоди во кои според TIC, имаме одлив на долари од САД заради продавање на овие хартии од вредност. Повторно жалниот момент од почетокот на 2021 година кога овој обем опаѓа, што значи дека повторно имаме недостиг на резервна валута во странство, наспроти официјалната приказна дека економијата закрепнува, а администрацијата на Бајден го преплави светот со долари.

Ете затоа TIC извештајот погоре е толку значаен – ти кажува дали светот се соочува со недостиг на резервна валута (долари) или со изобилство на резервна валута. Кога имаме недостиг на резервна валута, централните банки ширум светот се присилени да го искористат последниот џокер во својот ракав – да продаваат американски државни инструменти за да дојдат до свежа резервна валута – долар. Реков последниот, бидејќи обично пред тоа се пристапува кон други финални решенија како на пример dollar swaps и TAF аукции, тип на ангажмани што Федералните Резерви на САД ги имаат склопено со централните банки на неколку земји како на пример Норвешка, Германија, Австралија и други.

Уште еднаш да го повториме типичниот левичарски наратив – земјите во светот настојуваат да се ослободат од злобниот империјалистички долар.

TIC извештајот и придружниот Foreign Custody Holdings ни кажува дека крахот на злобниот империјалистички долар (резервната валута) никако да дојде. Напротив, неговиот недостиг е причина за огромни проблеми ширум светот и причина зошто светската економија повторно не може да распали како пред 2007 година. А пак недостатокот на раст историски секојпат се поклопува со повторна појава на вирусот на социјализмот кој секогаш стануваше атрактивен кога и да забавеше моторот на економскиот раст.

Има проблеми во монетарната машина а предложеното решение е социјализам? Зошто тогаш социјализмот беше таква далечна замисла од 1995-2007 година?

Мора да се бара начин. Можеби ќе ни биде потребен нов Бретон Вудс, средба во која ќе мора да се ре-осмислат основите на монетарниот систем. А во меѓувреме, додека не ни се разјасни каде е проблемот, ги повикувам младите а и сите останати да се обидат да одолеат на смртоносниот шарм на социјализмот, а и на интелектуалната корумпираност на овие популистички лидери што ветуваат Утопија и инстант фикс на нештата.

Одолеј. Обиди се да одолееш. Знам, сите посакуваме лесен фикс на нештата, но за жал објективната стварност одбива да биде така едноставна. Одолеј на потребата за лесни одговори и популистите што настојуваат да ти ги дадат. Одговорите се таму некаде. Не се лесни. Не се популистички. Објективната стварност не е лесна. Не е популистичка.

 

Пишува: Блаже Аризанов