Од здружението на јаболкопроизводители во регионот на Преспа велат дека невремето од завчера уништило околу 30% од вкупното производство. Штетата велат е далеку поголема отколку што изгледала во првиот момент и оти се проценува на неколку милиони евра. Според нив, на целиот потег од селото Сливница до Маркова нога уништени се околу 400 хектари со јаболкови насади.
„Покрај тоа што е уништен овогодинешниот, род уништени се и родните пупки за догодина. За оваа 2019 и 2020 година тешко дека во овој регион кој беше опфатен со градот ќе има род со количина и квалитет кој е потребен да има. За оваа година уништен е родот целосно“, рече Љубе Пампулески-здружение на јаболко производители.
Преспанчани се надеваат дека ќе ги добијат обештетувањата кои им биле ветени уште вчера при посетата на регионот на министерот за земјоделство. Градоначалникот на Ресен, Живко Гошарески телефонски за Алсат изјави дека мешовити општински комисии се веќе на терен и за неколку денови ќе ги имаат првите информации за претрпените штети.
Живко Гошарески, Градоначалник на Ресен: Наскоро ќе биде објавен и јавен повик и сите оние граѓани кои имаа штети истите ќе може да ги пријавуваат.
Инаку невремето кое го зафати регионот во средата попладне донесе големи материјални штети. Беа оштетени повеќе од 30% од камп приколките во автокампот Крани, беа уништени четириесеттина автомобили, а имаше оштетувања и на куќи. За среќа немаше повредени. На вонредна седница на советот на општината Ресен вчера беше донесена одлука од буџетот да се обезбедат пари за привремено да се обезбедат основните потреби на населението и стручните екипи со вода, средства за хигиена и гориво.