Заврши бербата на отворено на пиперката „ајварка“ во Струмичко, а за некои производители заврши и откупот. Незадоволни од откупните цени дел од нив, чекајќи подобра цена, решија дел од своето производство да го фрлат на буниште.

Откупните цени се исти со ланските, а цените на нафтата, на вештачкото ѓубриво и на други репроматеријали се многу поразлични од ланските.

На социјалните мрежи се појави видео снимка во групата „Земјоделие“ во кое се прикажува како се исфрлаат неколку тракторски приколки со ајварски пипер. Сопственикот на овие 4 тона фрлени пиперки вели дека седум дена чекал за откуп на овие пиперки, но не ја добил посакуваната цена, па тие почнале да скапуваат и тој решил да ги фрли.

Дел од земјоделците своето производство почнаа да го нудат и на фејсбук, но нема интерес. И правењето ајвар е многу поскапено, ако се знаат цените на зејтинот, на дрвата… Ако порано се купувале вреќи со „ајварка“, годинава продажбата на пазарите оди по килограми.