Речиси 28 години по повлекувањето од оптек на валутата на поранешната Источна Германија и 16 години од воведувањето на еврото, сѐ уште на дното на некоја фиока, во одамна заклучен сеф, во кутија закопана во дворот – има милијарди германски марки, пишува Дојче веле.
Носталгијата понекогаш може да биде силно чувство. Но тоа не е она што ги мотивира оние десетици луѓе кои секојдневно стојат пред експозитурите на германската централна Бундесбанка. Постари луѓе, млади мајки со деца, студенти… Сите тие стојат во ред со помалку или повеќе полни ќеси – со германски марки.
На 31 декември 2001 година, последниот ден пред воведувањето на еврото, во оптек, според податоците на Бундесбанката, имало 162,3 милијарди германски марки. Досега над 92 отсто од тие пари се вратени, односно заменети за евра. Но, според податоците од април, за замена чекаат уште 12,6 милијарди марки.
Тие пари не се безвредни. Доколку се тоа банкноти издадени по 20 јуни 1948, тие и денес можат, во неограничен износ, да се заменат за евра во една од 35-те филијали на Бундесбанката. Притоа рокот за замена е неограничен. И, за разлика од повеќето други валути, официјалниот курс евро-марка и понатаму е ист како во 2001 година – 1,95583 марки за евро.
Нема, значи, причина за брзање. Елмар, пензионер од берлин, пред повеќе од една година нашол меѓу страниците на книга 500 марки кои кој знае кога таму ги ставил. Конечно деновиве отишол да ги смени за евра.
Во изминатите 12 месеци Бундесбанката заменила 90 милиони марки. Преостанатите 12,6 милијарди марки вредат околу 6,3 милијарди евра. Реално гледано, бидејќи повеќе од половина од тие пари се во кованици, на луѓето најверојатно не им се вредни да одат до банка и да ги заменат за евра.
Зошто Германија сѐ уште ги води марките во своите билансни книги? Во соопштението на Бундесбанката се објаснува дека тие со тоа ја одржуваат довербата на луѓето во германската валута, а како второ, марката сѐ уште е „меѓународна резервна валута“, референтна особено во одделни држави од Источна Европа и на Балканот.
Секоја од земјите што денес го користат еврото има различни начини и временски рокови за конвертирање на поранешната валута. Некои банки повеќе не примаат монети, но и понатаму менуваат банкноти – на пример во Белгија, Луксембург, Словачка и Словенија. Во Шпанија, Португалија и Холандија рокот за замена набрзо истекува.
Во Франција, Финска, Грција, Италија, на Малта и на Кипар времето истече. Меѓу земјите од еврозоната само Германија, Австрија, Ирска, Летонија, Литванија и Естонија немаат временски рок за замена на старите валути.
За голем број Германци германската марка е повеќе од парче хартија или железо. За многумина тоа е симбол на економскиот успех на земјата и затоа не е претерано да се каже дека преминувањето на еврото за многумина беше траума. Но, времето лечи сѐ. Тоа го сфатија и оние кои утринава стоеја пред експозитурата на Бундесбанката во Берлин.
Извор: МКД