Нигериската влада доби 2,5 милијарди долари кредит од Кина за финансирање на проект за национална железница, јавува Anadolu Agency (AA).

Нигерискиот министер за транспорт Ротими Амечи за локалната телевизија изјави дека нигериската влада добила кредитни средства од Кина што ќе се користат за изградба на пруга што ќе ги поврзува градовите Лагос и Ибадан.

Тој посочи дека одлуката на владата за проширување на пругата до пристаништето ќе донесе значителни економски придобивки за државата.

Нигерија веќе започна со обнова на пругата што ги поврзува најголемите градови на најнаселената африканска земја.

Ова е само еден од низата амбициозни проекти на нигериската влада насочени кон изградба на национална железничка мрежа што ќе придонесе за економска диверзификација на земја која е во голема мера зависна од продажба на сурова нафта.

Планирано е да се обноват околу 1.700 километри стари железници.

Според податоците од 2019 година, вкупното население на Нигерија е околу 201 милиони.

Нигерија, најголемиот производител на сурова нафта во Африка, планира да произведува 1,86 милиони барели сурова нафта дневно во 2021 година по просечна цена од 40 долари за барел.