Универзитетскиот професор Никола Поповски, екс- министер за финансии и поранешен претседател на Собранието, за емисијата „Трилинг“ на Горазд Чомовски, ги оцени случувањата на релација Влада – банки како невиден политички притисок врз банкарскиот сектор.

„Од ова што се случува и што го гледаме во последниве 7-8 дена, мислам дека сме сведоци на еден невиден политички притисок врз банките во Македонија, да го прилагодат нивното работење и нивното пазарно работење по барање на политиката, на владата“, истакна Поповски коментирајќи ја средбата која премиерот Мицкоски ја имаше вчера со Македонската банкарска асоцијација, околу условите по кои банките ќе ги одобруваат кредитите од унгарскиот заем кон компаниите.

Поповски рече дека регулацијата на работењето на банките не е во владина надлежност и дека токму актуелните случувања се еклатантен пример зошто не треба да бидат таму.

„Замислете владата да беше регулатор во односите во банкарскиот систем. Замислете банките во Македонија, има 14 банки од кои една е државна – Развојната, преку која кредитот ќе се реализира, од останатите 13, три се македонски, другите 10 се странски банки, од 100 до 90% сопственост по секоја поединечно и замислете банките да не беа странски, да беа домашни. Со каков политички притисок се соочуваат од владата и директно од премиерот. Неколку денови по ред, на секоја прес-конференција, на секоја изјава, премиерот врши политички притисок врз пазарни субјекти, да се однесуваат според барањата на владата, во нивното деловно работење“, рече Поповски.

Според него, во Македонија херои станаа тие што ја задолжуваат државата.

„Нема евтин кредит. Не се во прашање каматите, во прашање е милијардата што се повлекува. Таа ќе треба да се врати, плус каматите. Од каде ќе ја вратиме милијардата е прашањето? Била евтина? Па и бесплатно да ви ја дадат, 250 милиони одат во општините, ги слушате вие овие владини коонференции што ги пренесуваат и општините кои конкурираат за тие 250 милиони преку свои проекти, за што ги трошат? За тротоари, мега парк, канализациони цевки, ќе поправаат кровови“, вели Поповски.