Дури 112 милиони евра помалку пари од планираниот прилив од ДДВ е регистѕриран во првата половина од годинава, нешто што не било случај во изминатите 10 години.
Од УЈП за порталот „Пари“ изјавија дека пониската наплата на ДДВ произлегува од намалената наплата при увоз на електрична енергија и на гас.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, тврди дека наплатата на ДДВ оди добро.
Економистот Маријанчо Николов, за Плусинфо, вели дека потфрлањето при собирањето на ДДВ укажува на две неповолни состојби: Првата е дека граѓаните штедат или дополнително осиромашиле во овој период, а втората дека државата се обидува да ја пополни празнината од загубените приливи од ДДВ со зголемување на стапката на овој данок за одделни прехранбени производи и за струјата, што дополнително ќе влијае на намалување на трошењето на граѓаните и помали приливи од ДДВ.
„Ваквата состојба е резултат на намалена потрошувачка односно дека дел од граѓаните во овој период се почувствувале загрозени или дополнително осиромашиле и се воздржуваат од трошење за производи кои не им се од моментално значење (мебел, обувки, облека, луксузни стоки …), а кај прехранбените производи се определуваат за понизок квалитет или за помали количини. Дел од граѓаните одлучуваат наместо да купат непотребна стока да штедат поради неизвесноста од она што ги очекува во наредниот период, што се гледа од зголемените заштеди во банките, а дел од граѓаните кои не можат да излезат на крај земаат кредити што исто така, се гледа од зголемениот долг на граѓаните кон банките.
Од друга страна владата бара излез од состојбата преку зголемување на стапката на ДДВ за 5% за 1.500 производи за кои вели дека се луксузни и зголемување на истиот данок кај струјата. Тоа дополнително ќе ја намали потрошувачката зашто граѓаните ќе продолжат да штедат – појаснува Николов.
За него, посебен проблем е и сивата економија каде што се одбегнува уплатата на ДДВ-то, а државата малку посветува внимание на тоа, иако губи дел од парите кои би ги обезбедила од ДДВ.