Во период на светска криза, на затворени пазари, наша обврска е да создадеме услови за што поголемо домашно производство на стратешките земјоделски култури, затоа и донесовме сет мерки за поддршка на земјоделците, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешниот брифинг со медиумите.
Николовски посочи дека на последната владина седница се изгласаа измените на Програмата за интервентен фонд и Програмите за директни плаќања и за рурален развој, со кои се предвидени повеќе нови мерки за поддршка на производството на поледелски култури и за сточарството. Овие измени, дополни, се резултат на консултации со земјоделците, стопанските комори, Факултетот за земјоделски науки и храна и потсекторските групи во МЗШВ.
Министерот повтори дека е проектирана нова интервентна субвенција за набавка на вештачко ѓубриво што ќе изнесува 40 отсто или 4.000 денари по хектар за пченицата и за пченката и нова интервентна субвенција од 2.500 денари по хектар за јачмен и сончоглед.
-Поддршката е итна, интервентна и исплатата ќе биде на неделно ниво, преку Платежната агенција. Од понеделник до петок земјоделците ќе треба да поднесуваат барања за набавени ѓубрива, со фискални сметки со пропратна документација и потоа во следната недела ќе се врши исплатата.Транспарентно ќе објавуваме колку земјоделци аплицирале, колку ја искористиле оваа мерка и во кој износ. Сакаме да ги мотивираме сите да ги искористат овие средства, оваа можност покрај останатите мерки, покрај зелената нафта покрај редовните субвенции. Сите што ќе направат принос кај пченицата од над 4.000 тони по хектар или кај сончогледот од 1,5 тони по хектар, ќе добијат дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар. Со тоа ќе го поттикнеме домашното производство на овие стратешки култури. Апелирам земјоделците да го искористат овој период и за пролетната сеидба на сончоглед заради тоа што обезбедивме 40 отсто поддршка за ѓубриво за сончоглед, околу 100 евра за сите што ќе имаат принос од 1,5 тони сончоглед, изјави министерот Николовски.
Според него, во подготвениот „Национален план за производство на храна“ што ќе се достави до Владата и ќе се дополнува со нови мерки, се опфатени и останатите сектори. Тука се новите мерки во делот на предадено јагне, предадени гоеници, интервентна субвенција за живинарите од 60 денари по несилка, објавување на наменски јавен оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за поледелски култури со кој ќе се доделуваат вкупно 6.000 хектари во различни региони и други мерки.
Министерот Николовски потенцираше дека се става акцент не само на производството на стратешките суровини за основните производи брашно, леб, масло за јадење, туку и за останатите производи како млекото и јајцата.
-Нудиме огромен пакет мерки и политики за одржливо и зголемено домашно производство на овие стратешки земјоделски култури, рече министерот Николовски.