Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство министерот Николовски одржа работен состанок со сточарите од здруженијата Современ овчар и Знак за квалитет, на кој директно им ги презентираше новите мерки за поддршка на овој сектор со кои 2024 ја промовираме како година на сточарството.
На состанокот, министерот Николовски ги информираше сточарите дека до крајот на оваа недела ќе бидат исплатени 30% авансни субвенции за 2023 година. Од страна на Платежната Агенција, веќе се прибираат податоците од кланичните капацитети и млекарници, со цел навремено да се подготви и исплатата на дополнителните 70% од субвецниите за 2023 година. По целосната обработка на овие податоци, до почетокот на месец март, ќе следува исплатата на дополнителните субвецнии, во еден ден со едно решение кон сите сточари.
„Ова значи дека во текот на овие два месеци сточарите во целост ќе ги добијат своите субвенции за 2023 година, а на крајот од 2024 година сточарите како и другите земјоделци повторно ќе добијат авасни 30% за субвенции за оваа тековна 2024 година. Но, освен оваа исплата, она што најмногу ќе им значи се новите мерки каде финансиската поддршка е значително зголемена“ изјави министерот Николовски.
Поддршка за новите новите мерки на состанокот дадоа и сточарите. Добивме збор од министерот и директорот на Платежната Агенција дека од оваа недела започнува исплатата на субвенциите во сточарството, што е за поздравување, и сточарите субвенциите ќе ги имаат навремено до март месец, истакна во својата изјава Насер Џемаили, потпретседател на Сојузот на одгледувачи на овци “Современ овчар“. Тој додаде дека мерките што се креираат со министерството даваат резултати и во овие две години бележиме раст на сточниот фонд. Мерките за 2024 година дополнително ќе дадат поголем мотив и поддршка за сточарите истакна во изјавата Џемаили по средбата.
Како министерство сите овие години сме во директна комуникација со секој земјоделец, со секој сточар. Мерките и политиките за поддршка ги креираме заедно со земјоделците, а така креираните мерки докажано даваат резултати.
Во оваа 2024 година, многу од мерките за поддршка на сточарството се зголемени. Поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци ја зголемуваме од 4.000 на 12.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства одгледувачи на говеда, и кои сопственото производство на млеко го предаваат на регистрирани откупувачи или продале говеда во преработувачки капацитети.
Се зголемува и поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет од 400 на 1.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства одгледувачи на овци и кози, кои имаат предадено јагне или јаре во регистрирани кланични капацитети, за периодот од 26 декември 2023, до 25 декември 2024 година.
Зголемувањето кај овие мерки за сточарите има за цел да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо. Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финасиска поддршка.
Како држава годишно извезуваме околу 200.000 јагниња, а преку овие нови мерки, како министерство, очекуваме и раст во бројка на извезени македонски јагниња.
Креираме нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот. Ова е агроеколошка мерка, каде корисници се земјоделските стопанства, кои располагаат со ливади во своја сопственост или со договор за закуп и истите се користат за напасување или косење. Минималната површина со ливади која едно земјоделско стопанство треба да ја има е 1 хектар.
Го помагаме сточарството зголемувајќи ја платата за овчарите, од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари, а дополнително се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска висина. Ваквата мерка за сточарите ја обезбедуваме преку Програмата за рурален развој, помагајќи во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади.
Исто така стартуваше и процесот на вкрстена сообразност, поттикнувајќи ги земјоделските стопанства целосно да ги исполнат посебните услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина. Во случај, кога со контролите се утврдува неисполнетост на некои од пропишаните услови, за разлика од претходно, сега се врши намалување на директните плаќања. Од 1% до 100%, односно до целосно исклучување, во зависност од сериозноста, повторувањето, обемот и времетраењето на неусогласеноста.
За поголем мотив, пред се кај сточарите, го менуваме максималниот износ на директните плаќања по корисник. Досега максималниот износ збирно за сите мерки од програмата за директни плаќања изнесуваше 18.450.000 денари. Сега со измените максималниот износ по корисник достигнува 18.450.000 денари збирно за мерките од растително производство и исто толку за мерките за сточарско производство.
Целта на ваквата зголемена поддршка е да ги мотивираме сточарите да го зголемуваат производството, да инвестираат во сопствено производство на храна за животните кои ги одгледуваат. Ова ќе придонесе да се намалат нивните производни трошоци, да се стимулира производството на млеко и месо, со што како крајна цел ќе имаме поголема обезбеденост на домашниот пазар и при тоа тие производи ќе имаат пониска цена. Се што ние правиме за поддршка на сточарскиот сектор всушност е со огромен бенефит за сите. И за сточарите и за еконмијата и за граѓаните како крајни потрошувачи.