Ова е вест која ме прави горд на сè она што посветено и мотивирано го работиме како министерство заедно со сточарите и Платежната агенција”, изјави министерот за земјоделатво,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски при денешната посета на фармата „Бони Фарм” во велешкото село Црквино.
Набавката на добиток од увоз или од признати организации согласно Законот за сточарство, е врз основа на јавен повик за мерката 121 кој беше објавен во јуни минатата година и предизвика рекордно највисок интерес кај сточарите. На повикот аплицирале 104 баратели, од кои 103 ќе бидат поддржани со вкупна сума од над 253 милиони денари. Со овие средства, сточарите ќе можат да набават вкупно 3.842 грла високопедигриран добиток од кои 2.727 јуници, 1056 овци и 50 кози.
Николовски потенцираше дека големиот интерес кај сточарите да аплицираат за мерката се должи на исклучителното залагање на министерството и агенцијата да работат и да носат одлуки заеднички со сточарите, но и на олеснувањето на условите за аплицирање онака како што најмногу им одговара на сточарите. Со измената на мерката на сточарите им се овозможи прво да потпишат договор за кофинансирање на набавката, а потоа да набават добиток, за разлика од претходните години кога тие од сопствени средства прво набавуваа добиток, а дури потоа потпишуваа договор кој е со процент на кофинасирање во вредност од 50-75%.
„Сега е многу полесно за нив. Измената на мерката веднаш ги даде очекуваните резултати, па веќе во 2020 година имаме исплата за 68 корисници, а со последниот повик од 2021 ќе бидат исплатени 103 корисници што е зголемување за плус нови 35 сточари повеќе споредено со лани. Навистина ме радува фактот што директно на терен ги гледам резултатите. Денес зборуваме за нови 3842 грла педигриран добиток и над 253 милиони денари инвестирани во сточарството” рече Николовски.
Поддршката и грижата за секторот сточарство е интензивирана. Од оваа година со новата Програма за директни плаќања за прв пат е воведена дополнителна субвенција по квалитет на млеко. Ако досега производителите на кравјо млеко кои произведуваа млеко со екстра класа добиваа поддршка од 3,5 денари по литар, од сега ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и козјо млеко е зголемена од 4,5 ден/лит на 5,5 ден/лит млеко. На овој начин се стимулираат производителите на млеко да произведуваат квалитетно млеко, што ќе влијае на зголемување на откупната цена на млекото. Вкупно 5.664 млекопроизводители навремено ги добија субвенциите за млеко во износ од околу 112 милиони денари. Со новата Програма за директни плаќања зголемена е и поддршката за говеда од 2.800 на 3.100 денари по грло.
Министерот Николовски посочи дека за сточарите е особено важно да имаат доволно сточна храна, за која цел со мерките од Интервентниот фонд овозможена е субвенционирана набавка на вештачки ѓубрива за производство не само на пченица и јачмен туку и за пченка и сончоглед. Бидејќи пченката се користи и како сточна храна, ова значи дека со мерката е опфатена и помош за сточарите кои сами призведуваат пченка за храна за стоката.
При посетата на фармата “Бони Фарм”, министерот Николовски на сопствениците им ги врачи двата договора за набавка на високо стелни јуници од кои 32 грла од расата Холштајн–Фризиска и 32 од расата Симентал. Ова семејство веќе поседува околу 160 висококвалитетни грла а сега, со поддршката на министерството, ќе ја зголемат фармата со уште 64 грла.
Со мерките кои ги превзема министерството, се стимулираат сточарите да ги зголемуваат стадата и производството. Најголем бенефит имаат тие а потоа и млечната индустрија, домашната економијата и државата, соопшти МЗШВ.