ИПАРД е нашата успешна приказна, најголем успех со кој сите треба да се гордееме. Ние сме земја лидер во регионот по реализација на ИПАРД програмата и тоа по неколку основи. Имаме најголема 100% реализација на ИПАРД програмата, нула евра повраток на средства и први во регионот започнавме со реализација на новата ИПАРД 3 програма.
Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на панел-дискусијата „Како интеграцијата во ЕУ ги зајакнува македонските земјоделци“ одржана во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“.
„Речиси и да не постои село или град во кој што ја нема таблата на реализиран проект. И ова не се празни зборови кои ние секогаш ги потврдуваме и секого во очи го гледаме кога зборуваме за ИПАРД заради тоа што зборуваме со факти и аргументи коишто се лесно проверливи и коишто се докажуваат. Нашиот успех е потврден од Европската Комисија, којашто за новата ИПАРД 3 програма ја зголеми 62 проценти програмата, односно за 62 проценти го зголеми буџетот и ако во ИПАРД 2 имавме на располагање 60 милиони евра, сега во ИПАРД 3 имаме програма којашто први ја започнавме од сите земји кориснички на ИПАРД имаме 97 милиони евра неповратни европски средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство. Тоа значи нов зголемен, неповратен ЕУ буџет, наменет за модернизација и развој на нашето домашно земјоделство“, рече Николовски.
Реализацијата на инвестициите преку ИПАРД програмата, покрај за земјоделството, придонесуваат и за развојот на целокупната економија на државата. Преработувачките капацитети се развиваат, се зголемува извозот на домашни производи, се отвораат нови работни места, потенцираше Николовски.
Една од главните цели на Владата е младите да останат дома, а токму ИПАРД програмата дава предност за младите земјоделци и до 70% финансиска поддршка на планираната инвестиција. Покрај ИПАРД програмата, младите земјоделци на располагање имаат и други мерки за поддршка, преку националните програми.
„Поддршка од 10.000 и 20.000 евра преку мерката млад земјоделец, за започнување и развој на земјоделско стопанство. Овие мерки дадоа резултати, па денес имаме успешни млади земјоделци сопственици на мали семејни винарии или мали успешни производители на храна. Само со последната мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството, каде даваме грант поддршка до 10.000 евра за набавка на механизација и опрема, од вкупно 206 одобрени апликации 121 апликација е на млади земјоделци“, рече Николовски.
„За поголем досег на овие мерки и нивна максимална искористеност, Министерството и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со месеци работеа на промоција на мерките, информирање на корисниците преку посета на повеќе од 40 населени места каде детално ги образложивме условите, критериумите и можностите кои ги нуди програмата“, рече директорот на Агенцијата, Никица Бачовски.
Според него, интеграцијата во Европската Унија ќе придонесе за повеќекратно зголемување на финансиската поддршка за земјоделството.
„Тоа значи повисоки субвенции, поголем буџет за нови трактори и механизација, повеќе средства за преработувачките капацитети и микро компаниите од руралните средини. Сето ова ќе придонесе кон оптимизација на производството, подобар производ и поголема конкурентност на македонскиот земјоделски производ и храна“, вели Бачовски.