Заменик-министерот за финансии Филип Николовски соопшти дека владата за неполни две години има над една милијарда евра реализирани капитални инвестиции и најави дека и следната година ќе биде рекордна по реализација на капиталните инвестиции при што очекува над 90 отсто реализација од предвидените 730 милиони евра.
Овие 730 милиони евра, според него, ќе бидат моторот на економијата за следната година.
– Од тие 730 милиони евра, 250 милиони евра се за патна инфраструктура, 31 милион се за железничка инфраструктура на Коридорот 8, делницата према Крива Паланка. Над 95 милиони евра се за НАТО стандардите, има предвидено и 20 милиони евра за животна средина и управување со отпадни води. Има средства и за реконструкција на полициски станици, здравствени објекти, спортски сали…“, изјави Николовски во „Аргумент плус“ на ТВ24.
Тој уште кажа дека во кризните години вратени се еврообврзниците издадени во 2014, 2015 и 2016 година.
– Добро е што следната година немаме еврообврзница за враќање. Успешно ги вративме во екот на криза трите еврообврзници издадени во 2014, 2015 и 2016 година од претходната власт. Тоа беа над 1,5 милијарди евра кои успешно ги вративме што беше нотирано од сите меѓународни организации, вели Николовски.
Според него, четврта година по ред се намалува буџетскиот дефицит, кој сега е предвиден на 3,4 отсто.
-Во 2020 година беше 8 проценти, потоа беше 5,6, па 4,6, оваа година ќе биде 4,5 и следната е проектирана за 3,4 проценти, односно 150 милиони евра помалку од оваа година, додаде Николовски.