Сакаме да штедиме, тоа е добро и за нас, а особено за иднината на нашите деца, но ниските примање тоа тешко го дозволуваат, велат граѓаните. Депозитите на домаќинствата растат. Граѓаните им имаат доверено 340 милијарди денари на банките. Одбележан Меѓународниот ден на штедењетo.
Сакаме да штедиме, тоа е добро и за нас, а особено за иднината на нашите деца, но ниските примање тоа тешко го дозволуваат, ова е најчестиот одговор на граѓаните со кои поразговаравме на Меѓународниот ден на штедењето. За во иднина се надеваат на повисок животен стандард.
„Моментално не штедам, ама бидејќи имам малечко дете, во иднина планирам да почнам, иако нема добри услови за штедење. Се надевам дека ќе се промени ситуацијата.“
„Нема добри услови за штедење, има само добри услови за кредитни картички.“
„Не е лесно да се штеди, треба откажување од многу работи.“
„Кога можеме штедиме. Нема добри услови за штедење, недостигаат поголеми плати, повеќе финансии“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Македонскиот народ отсекогаш традиционално штедел и анализирајќи ги бројките, депозитите секојдневно растат, велат надлежните. Додаваат дека е особено важно уште од најрана возраст, децата да се стекнат со навики да штедат.
Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20%. Граѓаните им имаат доверено 340 милијарди денари на банките – покажуваат податоците на НБРМ. Фактот што депозитите во банките растат и покрај мноштвото надворешни шокови е потврда за довербата во банкарскиот систем, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.