Анализа на финансиските резултати на НЛБ Банка АД Скопје за периодот 01.01. – 30.09.2018 година

 

Во периодот од 01.01.2018 до 30.09.2018 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2018-та година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и на пазарните услови во земјата. Банката, во анализираниот период  ги оствари планираните оперативни и финансиски цели, при што е зачувана висока ликвидност, стабилност и солвентност.

 

Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 1.857.410 илјади МКД што е повисоко за 21,5% во однос на истиот период од 2017 година и 47,7% над планот за истиот период, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија, засилен финансиски сервис за корпоративните клиенти, подобрување на наплатата и намалување на портфолиото на нефункционални побарувања и на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите.

 

Во рамки на дигиталниот развој на Банката во септември оваа година беше промовиран NLB Pay мобилен паричник, кој овозможува брзо и едноставно бесконтактно плаќање на продажните места преку мобилен телефон, а заедно со  веќе етаблираните мобилни апликации НЛБ мКлик, и онлајн апликациите НЛБ клик и НЛБ проклик претставуваат најбрзорастечки канал за достапност на клиентите до сервисите на Банката.

 

Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати беа наградени од Euromoney во Лондон, каде НЛБ Банка АД Скопје беше прогласена за Најдобра банка во Македонија за 2017 година како и од финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2017 каде НЛБ Банка АД Скопје беше избрана за Најдобра банка во Македонија.

 

 

Биланс на состојба

 

Заклучно со 30.09.2018 година билансната сума достигна 76.970.489 илјади МКД, односно се зголеми за 1.214.845 илјади МКД или 1,6% во однос на 31.12.2017 година,  главно поради приливот на депозити и депозитни пари од физичките и правни лица, како и задржаната добивка од 2017 година во капиталот на Банката. Во однос на планот за периодот билансната сума е повисока за 0,9%.

 

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 18.199.009 илјади МКД и  бележат пораст од 6,3% како резултат на вишокот на ликвидност која беше пласирана во краткорочни депозити во странство. Во однос на планот се повисоки за 17,0%.

 

Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 38,7% како резултат на намалени краткорочни кредити дадени на банки. Во однос на планот се повисоки за 143,1%.

 

Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор се зголемија за 369.156 илјади МКД или за 0,8% во однос на 31.12.2017 година и изнесуваат 49.085.981 илјади МКД. Во однос на планот за периодот вкупните кредити се пониски за 5,5%, и тоа поради пониските резултати во делот на кредити на правни лица што се должи на слабиот инвестициски циклус во економијата, високата ликвидност во реалниот сектор и воздржувањата од поголеми деловни активности на компаниите поврзани со општата ситуација во државата. Во делот на кредитирање на населението релизацијата е над планираното за периодот.

Вложувања во хартии од вредност се зголемени за 18,3% и изнесуваат 7.103.440 илјади МКД. Во однос на планот се повисоки за 39,6%. Согласно новата Одлука за Методологија за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи (Сл. весник бр.83 од 07.2017 година), на 01.01.2018 година, Банката изврши прекласификација на дел од портфолиото класификувано како финансиски средства расположливи за продажба (државни записи и државни обврзници) во финансиски средства кои се мерат по амортизирана набавна вредност во износ 5.969.179 илјади МКД и при тоа не констатира финансиски ефект од прекласификацијата.

 

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 40,8% главно поради сметководствено оштетување на средствата преземени по 01.01.2010 година, чија нето вредност согласно регулаторните одредби треба да се сведе на нула во пропишаниот рок односно во период од пет години и како резултат на продажба на преземен имот, куќа во Трнодол и имот преземен од Автокуќа Скопје.  Во однос на планот за периодот се пониски за 19,5%.

 

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) се зголемени за 840.456 илјади МКД или за 1,4% и изнесуваат 62.856.141 илјади МКД. Во однос на планот за периодот се повисоки за 1,8%.

 

Обврски по кредити се намалени за 122.235 илјади МКД или за 10,8%. Во однос на планот за периодот се пониски за 32,0%.

 

Субординираните обврски се намалени за 727.340 илјади МКД или за 35,7%, што се должи на целосна отплата на доспеан субординиран долг. Во однос на планот за периодот се пониски за 31,0%.

 

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени за 13,8% и изнесуваат 10.832.311 илјади МКД како резултат на вклучување на дел од добивката од 2017 година во капиталот на Банката. Во однос на планот за периодот се повисоки за 7,8%.

 

 

Биланс на успех

 

Нето каматните приходи, заклучно со 30.09.2018 година се повисоки за 2,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 0,3%, главно поради повисоки каматни приходи од кредитите на нефинансиски правни лица и население, додека расходите по камати се пониски за 11,1% главно поради пониски расходи за камата кај население и банки. Во однос на планот нето каматните приходи се повисоки за 2,0%.

 

Нето приходите од провизии се повисоки за 4,3%, при што приходите од провизии се зголемени за 5,0% како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, електронско банкарство и брокерски услуги. Расходите за провизии се повисоки за 6,5%, главно поради повисоки расходи поврзани со картично работење и денарски платен промет. Во однос на планот нето приходите од провизии се пониски за 2,6%.

 

Останатите некаматни приходи изнесуваат 690.609 илјади МКД и се повисоки за 72,7% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварена добивка од продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд во износ од 368.883 илјади МКД и остварена капитална добивка од продажба на дел од имотот преземен врз основа на ненаплатени побарувања во износ од 83.515 илјади МКД. Во однос на планот се повисоки за 81,7% поради поголема остварена од планирана добивка од продажба на НЛБ Нов пензиски фонд.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 3.674.394 илјади МКД и се повисоки за 12,7% во однос на истиот период претходната година. Во однос на планот се повисоки за 10,1%.

 

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.339.831 илјади МКД и се пониски за 0,20% при што трошоците за вработени се повисоки за 5,7%, трошоците за амортизација се повисоки за 4,4%, додека останатите расходи од дејност се пониски за 6,7% во однос на истиот период претходната година. Во однос на планот вкупните оперативни трошоци се пониски за 6,7%.

 

Заклучно со 30.09.2018, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 268.762 илјади МКД, што е повеќе за 145,9% споредено со истиот период од претходната година, поради ниската споредбена основа од 2017 година, кога беа ослободени значителни исправки при наплата на нефункционални побарувања. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 2.011 илјади МКД и се пониски за 98,6% во однос на истиот период 2017, поради помал износ на оштетувања на нефинансиските средства во 2018 година.

 

Нето добивката на Банката заклучно 30.09.2018 година изнесува 1.857.410 илјади МКД и е повисока за 21,5% во однос на истиот период од 2017 година.

 

Очекувања за претстојниот период

 

НЛБ Банка АД Скопје согласно својата стратегија во фокусот на работењето го има задоволството на своите клиенти и континуирано и посветено работи на изнаоѓање најоптимални решенија за секој поединечен клиент. Банката во следниот период ќе продолжи да ги следи светските технолошки трендови, и како современа и креативна банка ќе биде посветена на дигитализацијата и унапредување на банкарските процеси. Паралелно со постојаното надградување на дигиталните сервиси, континуирано ќе ја осовременува мрежата на експозитури која моментално претставува најдоминантен канал за достапност и продажба на продуктите и услугите на Банката. Со тоа на своите клиенти, Банката им дава избор да се одлучат за новите и современи или за традиционалните начини на контакт и работење со Банката, во зависност од нивните навики, потреби и преференции.

Во периодот кој следува до 31.12.2018, се очекува Банката да продолжи со интензивни кредитни активности, како во сегментот на претпријатија така и кај физичките лица, засилена продажба на полисите за животно, неживотно и пензиско осигурување, како и поинтензивно користење на услугите на платните сервиси адекватно на сезонските движења во економијата, што ќе придонесе за континуирано позитивно работење и остварување на планираните цели утврдени со Деловната политика за 2018 година.

Со цел редовно исполнување на капиталните барања согласно Законот за банки и Одлуката за изменување и дополнување на методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот во претстојниот период, Банката презема активности за обезбедување на нови сопствени средства кои ќе овозможат дополнителен раст на кредитната изложеност.

 

Известување за промени во сметководствените политики и методи

 

Врз основа на Одлуката за Методологија за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи (Сл. весник бр.83 од 07.2017 година)  (Методологијата), со која се воведе Меѓународниот стандард за финансиско известување МСФИ 9 во делот на класификација, признавање и мерење, Банката направи соодветна измена во своите Сметководствени политики, ги утврди деловните модели на Банката за управување со финансиските средства и обврски и се усогласи со барањата на Методологијата.

Согласно новите Сметководствени политики и Методологијата, Банката ги преоцени сите финансиски средства и финансиски обврски со состојба на 01.01.2017 година.

На 01.01.2018 година, Банката изврши прекласификација на дел од портфолиото на хартиите од вредност, кои согласно МСС 39 беа класификувани како Финансиски инструменти расположливи за продажба, во нова категорија согласно МСФИ 9 – Финансиски инструменти кои се водат по амортизирана набавна вредност. Банката не констатира разлики од прекласификацијата на финансиски средства и обврски поради тоа што новата амортизирана набавна вредност е еднаква на објективната вредност на хартиите од вредност на датумот на прекласификација.

 

 

Исплатени дивиденди

Во согласност со Одлуката за употреба и за распределување на остварената добивка по годишна сметка на НЛБ Банка АД Скопје за 2017 година донесена на седницата на Собранието на Банката, одржана на 11.5.2018 година, делот од добивката во износ од 531.225.942 илјади МКД се распореди за исплата на дивиденда на акционерите, при што износот на бруто дивиденда по акција изнесува 622,00 МКД. Исплатата на дивиденда на акционерите се изврши во јуни 2018 година, во согласност со дивидендниот календар.

 

Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

 

Недвижностите и опремата заклучно 30.09.2018 бележат намалување од 3,0% споредено со 31.12.2017, како резултат на пресметана амортизација.

Во август, Банката изврши продажба на дел од сопствен имот (објект Палома Бјанка) кој имот не се користеше за целите на дејноста на Банката. Банката го идентификува имотот како средство за обезвреднување, ја пресмета неговата надоместлива вредност и евидентира исправка на вредност (загуба поради оштетување) на нефинансиски средства.

 

Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

 

Во текот на 2018 година, заклучно со 30.09.2018 година, обврските по кредитни линии бележат намалување од 27,31% во однос на 31.12.2017 година, односно намалување за 861.795 илјади МКД, кое доминантно се должи на целосна отплата на доспеан субординиран долг во износ од 738.000 илјади МКД, како и на повисоки отплати на доспеани обврски по кредитни линии, во однос на нови повлекувања по договорите за кредити.

 

Скопје, 01.11.2018 година

НЛБ Банка АД Скопје