НЛБ Нов пензиски фонд а.д. Скопје го заврши процесот на пререгистрирање и ќе продолжи да функционира под името Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Друштвото и во иднина ќе продолжи да управува со двата пензиски фонда и тоа задолжителениот пензиски фонд, со ново име Сава пензиски фонд и доброволниот пензиски фонд, Сава пензија плус.

Друштвото ќе продолжи да функционира и работи на ист начин како и досега, стремејќи се да обезбеди сигурни пензиски заштеди за своите осигуреници, преку остварување на соодветен долгорочен принос од инвестициите на средствата на фондовите. Партнерството и континуитетот во едукацијата и комуникацијата со нашите членови и понатаму ќе остане наш врвен приоритет.

Промените во називот и ребрендирањето на НЛБ Нов пензиски фонд следуваат откако словенечката компанија Сава Ре дд., Љубљана, во март годинава стана сопственик на 100% од акциите на пензиското друштво. Процесот за преземање на Друштвото се одвиваше преку законски дефинирана постапка, контролирана од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Една од нашите примарни цели во наредниот период ќе биде создавањето на услови за проширување на продажната мрежа, преку лиценцирани агенти во мрежата на Сава осигурување а.д. Скопје и заедно со постојната продажна мрежа, што продолжува да функционира преку експозитурите на НЛБ Банка АД Скопје, да обезбедиме натамошно подобрување на кавалитетот на услугите и достапноста до сегашното и потенцијалното членство – велат од менаџментот на „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје.