Зголемени одливи, намалени приливи на средства забележале отворените инвестициски фондови во текот на ноември. Месецот го завршиле со минус од 2,8 милиони евра, што е голема разлика во однос на октомврискиот плус од 24,2 милиони евра.
Вкупниот прилив на средства во ноември изнесувал 39,6 милиони евра. Во споредба со октомври, кој завршил со 46,4 милиони евра, регистрирано е намалување од 14,6 отсто.
Податоците објавени во извештајот на Комисијата за хартии од вредност покажуваат големо зголемување на одливите во ноември. Овде има раст од 95,5 проценти, што значи од 22,2 милиони евра (октомври) на 42,4 милиони евра.
На последниот ден од ноември нето вредноста на отворените инвестициски фондови изнесувала 19,3 милијарди денари, односно 315 милиони евра. На месечна основа има зголемување од 0,76 насто. Еден месец пред тоа, нивната вкупна вредност била 312 милиони евра.