Денеска се оствари средба помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и  амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Бјорнстад.

 

Амбасадорот ветил дека  Кралството Норвешка во наредниот период двојно ќе ја зголеми финансиската поддршка за Република Македонија. Поголемиот дел од средствата од ова значително зголемување на учеството на Норвешка во охрабрувањето на политиките на земјата, ќе бидат насочени кон формирање на фонд за социо-економски развој на неразвиените региони во Република Македонија.

Исто така , амбасадорот на Норвешка истакнал дека дел од финансиските средства ќе бидат наменети и за процесите за подготовка на земјата за членството во НАТО и Европската Унија, како и во поддршката на интеретничките аспекти во образованието што во Република Македонија се спроведуваат преку организацијата Нансен дијалог центар.

Бјорнстад и Заев разговарале и за актуелни политички случувања  во Република Македонија и во регионот. Норвешкиот амбасадор истакнал дека  тој и  Кралството со внимание ги следат  настаните и дека изразува честитки за досегашниот реформски процес во клучните области во земјата, како и за придонесот на Владата на Република Mакедонија за напредокот во решавањето на прашањето за името на нашата земја.

Амбасадорот ја истакнал и заложбата на Владата за соработка и за инклузивност во овие процеси со опозицијата.