Норвешката министерка за надворешни работи Ине Ериксен Сорејде најави дека Осло наскоро двојно ќе ја зголеми помошта за земјите од Западен Балкан. Норвешка минатата години за земјите од регионот издвои 175 милиони норвешки круни (околу 18 милиони евра), а годинава помошта ќе изнесува 319 милиони круни (приближно 33 милиони евра).
Средствата ќе бидат наменети за зголемување на помошта за промоција на стабилноста, демократијата и развојот во соседните подрачја. Помошта е достапна за Македонија, за Албанија, за Босна и Херцеговина, за Црна Гора, за Косово и за Србија.
– Земјите од Западен Балкан мора да спроведат обемни реформи за да можат да гарантираат демократија, јакнење на владеењето на правото, отворање на нови работни места и постигнување на економски и општествен напредок. Тие во моментот спаѓаат во најсиромашни земји во Европа, а во некои стапката на невработеност кај младите изнесува до 60 проценти. Од витална важност е овиде земји да успеат во своите напори за повторно да можат да придонесат за развој, соработка и сигурност во Европа. Ова ќе биде во интерес на Норвешка и на Европа во целина, истакна шефицата на норвешката дипломатија.
Таа додаде дека норвешката помош е наменета за подобрување на соработката и помирување во регионот, економскиот раст и отворање на нови работни места, добро владеење и борба против корупцијата, заштита на малцинставата и јакнење на граѓанското општество. Приоритетите се разликуваат од земја до земја и во зависност од нивните потреби и приоритети.
Помошта од Норвешка е усогласена со учеството на другите земји донатори и Европска унија. Дел од средствата ќе биде доделен на програмите кои ќе бидат финансирани од други донатории, меѓу кои и ЕУ.