Суверениот фонд на Норвешка, кој е најголем во светот, пријави поврат од 19,9% на своите инвестиции минатата година, заработувајќи рекордни 180 милијарди долари.
Повратот на фондот, кој има импресивни 1,1 трилион американски долари, е поголем од сопствениот бенчмарк индекс.
„2019 година беше прилично добра година за фондот… тоа е најдоброто едногодишно зголемување во историјата на фондот“, рече гувернерот на Централната банка, Оистон Олсон, кој го предводи одборот на фондот, пренесува CNBC.
Минатогодишниот поврат е еднаков на скоро 34,000 американски долари по глава на жител во Норвешка, која брои 5,4 милиони жители. Вкупната вредност на фондот е еднаква на 207.000 УСД по глава на жител.
Фондот има удели во над 9.000 компании ширум светот, поседувајќи 1,5% од сите котирани акции. Институцијата инвестира и во обврзници и недвижнини.
Apple и Microsoft дадоа најголем придонес за профитабилноста на фондот во 2019 година, по што следуваше Nestle.
На другата страна на монетата се Nokia Oyj, Pfizer Inc и Swedbank AB, кои донесоа најмал поврат во текот на периодот што се разгледува.
Фондот, кој ги чува приходите од нафтената и гасната индустрија во земјата, има вредност три пати поголема од бруто-домашниот производ на Норвешка.
Профитабилноста на фондот се користи за одржување на социјалниот систем на скандинавската земја.
Извештајот за 2019 година беше најновиот годишен извештај даден од извршниот директор на Фондот, Ингве Слингштад, кој на крајот на минатата година објави дека ќе замине во пензија по повеќе од една деценија на функцијата.
Наследникот на Слингштад допрва ќе го избере одборот на Централната банка. Ова се очекува да се случи за неколку месеци.